„Унгарија не може да прифати обврзување на европските фондови по критериумот за владеење на правото, затоа што Европската унија ќе започне да личи на Советскиот сојуз“, рече премиерот Виктор Орбан.
Орбан, е на власт во Унгарија повеќе од една деценија и често е критикуван за поткопување на демократијата во неговата земја, некогаш под советска контрола.
Денеска тој рече дека унгарските пари не можат да бидат одземени, а ден претходно разговараше и за предлогот за критериуми за владеење на правото со германската канцеларка Ангела Меркел.
Орбан и порачал дека Унгарија не може да ја блокира мерката предложена од Европскиот парламент, а германското претседателство може да ја прифати, бидејќи за тоа е доволно двотретинско мнозинство, но дека со тоа ЕУ би се претворила во Советскиот сојуз.
Унгарскиот лидер смета дека ова би било уцена врз идеолошка основа без објективни критериуми.
„Не го сакавме тоа. Не ја создадовме ЕУ за да имаме нов Советски сојуз“, додадл унгарскиот лидер, иако не се заканил со вето на целиот процес на усвојување на европскиот буџет.
Главниот сојузник на Орбан, полскиот премиер Матеуш Моравиецки, испрати писмо до институциите на ЕУ во кое се заканува дека ќе го блокира буџетот за периодот 2021-2027 година, доколку ЕУ воведе критериум за владеење на правото.
Ваквиот критериум го промовираат Европскиот парламент и неколку северноевропски земји како Холандија, кои исто така побараа построга формулација на мерката.
Полска и Унгарија, како и другите членки на ЕУ, можат да стават вето на усвојувањето на повеќегодишна финансиска рамка, но тоа исто така тоа би им наштетило и ним како земји што добиле најмногу европски средства и во кои поддржувачите на владејачките партии често зависат од европските субвенции.