Утрински Весник
Македонија

Општина Струмица ги става своите капацитети на располагање на здравствените институции

Општина Струмица ги става своите капацитети на располагање на здравствените институции

Струмица, 18 март 2020 (МИА) – Општина Струмица ќе изврши дезинфекција на Домот на АРМ и големата сала ќе биде подготвена и ставена на располагање на здравствените институции доколку има потреба за тоа. Во тек е дезинфекција на сите основни и средни училишта и на сите клонови на градинката „Детска радост“, како и на административните простории на општина Струмица, информираше на денешната прес конференција градоначалникот Коста Јаневски.

Тој додаде дека се вршат засилени инспекциски контроли за сузбивање на дивите продавачи кои продаваат на јавни површини, а се потенцијален ризик за здравјето на граѓаните.

-Формирани се мобилни тимови од волонтери кои сами се пријавија во општината и волонтери од Општинскиот Црвен крст за достава на прехранбени производи, лекови, средства за лична хигиена и други продукти на стари лица, хронично болни и лица со попречености, а со цел нивна заштита од потенцијалниот ризик да се заразат од Covid-19. Тие веќе се на терен и ја спроведуваат оваа мерка. Вчера уште во раните утрински часови е извршена дезинфекција со машини и рачно на плоштадот, поголемите јавни површини, најфреквентните улици и целата урбана опрема. Дезинфекцијата продолжува и не само во градот туку и во сите населени места, а ја вршат ЈПКД „Комуналец“ и Противпожарната единица, рече градоначалникот Јаневски.

Упати апел да учениците, наставниците и родителите да ја користат платформата за он-лајн предавањата на веб-страницата на Министерството за образование и наука и преку проектот „ТВ училница“ што се емитува на Македонската радио-телевизија секој работен ден во 10:30 часот.

-Истовремено, апелирам до сите граѓани сериозно да ги почитуваат и следат мерките на Владата на Република Северна Македонија, да останат во своите домови за да ги избегнат и најмалите ризици за да го заштитат сопственото, здравјето на најблиските и на своите сограѓани. Да покажеме поголема свест и одговорност затоа што јавното здравје зависи од сите нас, истакна Јаневски.

Тој рече дека е подготвен и стои на располагање на здравствените институции како лекар, доколку за тоа има потреба, да го даде неговиот придонес во заштитата на здравјето на граѓаните. рт/мд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер