Велес 4 март 2020 (МИА) – Преку проектот „Изградба и рехабилитација на локални патишта“, финансиран од Владата преку заем Светската банка вреден 70 милиони денари, Општина Градско доби 620 илјади евра со кои ќе реконструира четири улици во Градско и една во Виничани, а ќе реконструира и локален пат за Виничани од регионалниот пат Р 1102 до влезот на селото.
Како што информира за МИА градоначалникот Роберт Бешовски, во првата фаза Општината поднесе соодветна техничка документација за реконструкција на крак од улицата „Александар Македонски“ под бензинската пумпа во Градско, за реконструкција на улицата „Панко Брашнаров и крак од улицата, како и за реконструкција на улиците „Илинденска“ и „Јане Сандански“ во населбата „Стопанство“.
Опфатена е и изградба на улицата „бр. 3“ во село Виничани од локалниот пат до населбата Лаките, како и реконструкција на локалниот пат за село Виничани од регионалниот пат Р 1102 до влез на селото Виничани.
Бешовски очекува овие градежи зафати да се реализираат во текот на годинава. Тој неделава потпиша Меморандум за соработка со Министерството за транспорт и врски.
-Со реконструкција на овие улици и дел од локалните патни правци ќе се подобри животот на жителите од овие населени места, што е и наша заложба како Општина, потенцира градоначалникот Бешовски. ад/мч/