Велес, 1 јуни 2020 (МИА) – Општина Градско денеска почна со асфалтирање на локалниот пат од село Долно Чичево кон Градско (делница) во должина од 1,8 километри во вредност 16,921,721 денари. Поголем дел од средствата – 14,340,440 денари се од Владата преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за мерка 321 – Подобрување на квалитетот за животот во руралните средини, а дел од буџетот на Општина Градско во висина од 2,581,281 денари.
Како што информира за МИА, градоначалникот на Општина Градско Роберт Бешовски, со асфалтирање на овој стар дотраен пат на релација Долно Чичево – Градско ќе се подобри сообраќајната комуникација на жителите од овие рурални средини со Градско, како и комуникацијата на фирмите кои се лоцирани во овој реон и секојдневно сообраќаат по оваа делница.
Оваа делница од Долно Чичево кон Градско поминува низ атрактивното село Подлес познато по куќи со стара архитектура, па преку Горно Чичево води кон манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ во реонот на планината Клепа.
Асфалтирањето на овој пат е важен и за развој на туризмот затоа што кај селото Подлес се наоѓа и вештачкото Подлешко Езеро, на кое Општина Градско изгради повеќе видиковци и друга урбана опрема и преку разни проекти вложува напори тоа да прерасне во атрактивен туристички центар. ад/мс/