Утрински Весник
Македонија

Општина Велес аплицира за проекти од европската програма ИПА Интеррег

Општина Велес аплицира за проекти од европската програма ИПА Интеррег

Велес, 29 мај 2020 (МИА) – Општина Велес денеска го заврши процесот на апликација за четири проекти од европската програма ИПА Интеррег за прекугранична соработка со Република Грција, како и еден проект во грантовата шема за социјална инклузија финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, информира на денешната прес-конференција градоначалникот Аце Коцевски кој ги појасни проектите.

Еден од проектите е за изградба на кејот на река Вардар на потегот од мостот Гемиџии до Мало Мовче, уредување на пешачка и велосипедска зона на кејот и поставување на седум киоск продавници за традиционални производи и сувенири во висина од 490.000 евра. Потоа, проект за уредување на простор од над 700 метри квадратни во објектот „Вила Зора“ за креирање на регионален гурмански центар во висина од 250.000 евра, како и проект за партерно, хортикултурно уредување и осветлување на Спомен Костурницата во Велес. Апликант на проектот во висина 178.776 евра е Народниот музеј- Велес.

Градоначалникот Коцевски информира дека за овие три проекти Општина Велес од Буџетот обезбедува 15 проценти од вкупната вредност на проектите како сопствено учество кои по евентуалното одобрување во буџетот на општината треба да ги врати Министерството за локална самоуправа.

Воедно, Центарот за развој на Вардарскиот плански регион аплицира за проект подготвен од Општина Велес за креирање на Регионален иновациски хаб со седиште во Велес. За оваа намена, во апликацијата се планирани средства во висина од 134.919 евра.

Коцевски информира дека деновиве е доставена и апликација во втората финална фаза на програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа која се реализира преку Форуми на заедниците на ниво на Вардарскиот плански регион.

Апликацијата на Општина Велес која донаторите ја избраа за најдобра од регионот во првата фаза се однесува на уредување на парк, односно поставување на урбана опрема за рекреација на деца и лица со посебни потреби и нивна социјализација на езерото Младост. Парцелата е во непосредна близина на еко кампот и паркот на авантури кој се гради во рамките на проектот „Смарт езеро Младост“ финансиран од Европската унија што го спроведува Светска Банка. Апликацијата е во висина од девет милиони денари.

– Овој период во кој предничи борбата со Ковид-19 го користиме максимално во заложбите преку проектни апликации да обезбедиме средства од ЕУ и од меѓународната заедница за реализација на значајни проекти за граѓаните на Велес, потенцира Коцевски. ад/мс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме