Владата на СДСМ и министерката за образование Мила Царовска, денес, на почетокот на новата учебна година, делуваат како да се затекнати од ситуацијата и буквално неподготвени учествуваат во еден организиран хаос во кој се наоѓаат учениците, родителите и наставниот кадар. Ова го истакна Иванка Василевска, пратеничка на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа обвини дека иако имала на располагање речиси три месеци, Царовска не успеала да обезбеди ниту учебници, па денес реалната ситуација ни покажува дека поради ваквата неспособност на министерката, од еден учебник ќе учат две деца.
„Ова е особено трагично бидејќи во услови на пандемија на Ковид-19, наводно декларираните протоколи за заштита од пандемијата се всушност осило на зараза во која ризикот и опасностите се директно врз плеќите на нашите деца и на наставниците и професорите кои се фрлени во една апокалиптична безизлезна ситуација. Вака поставената состојба уште на самиот почеток веќе ги покажа своите недостатоци. Јасно е дека во дел од општините денес немаше услови воопшто и да започне првиот училишен час. Бројката на заразени граѓани е енормно висока, а родителите чувствуваат страв и несигурност и има голем процент кои не се подготвени да ризикуваат и да ги остават своите најмили во опасност од заразување и другите трагични последици како резултат од истото. И сето тоа заради комплетната неспособност на власта да направи план и сериозна стратегија во интерес на граѓаните“, рече Василевска.
Онаму кадешто денес започна наставата во училиштата, евидентно е дека нема ниту соодветни протоколи, а камоли средства за дезинфекција, рече пратеничката.
Лошиот менаџмент со образовниот систем доведе до сериозни последици врз цели генерации ученици, истите се ненадоместливи и доколку се случи евентуалната одговорност на надлежните, бидејќи за ваквиот масакр во оваа круцијална дејност како што е воспитно-образовниот процес, последователните корекции нема да успеат да ја поправат направената штета.
ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се засилат протоколите. Да се обезбедат брзи тестови за училиштата. Да се обезбедат таблет компјутери за учениците кои немаат и не можат да си дозволат да ги набават. Опозицијата бара и неотповиклива оставка од Мила Царовска и очекува итна реакција и овозможување на услови кои се издржани.
„Доколку власта не располага со стручни луѓе, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено и може веднаш да испорача решенија за излез од оваа траорна состојба“, додаде Василевска.