Познатата Метрополитен опера во Њујорк ги откажа сите настапи за следната сезона и најави дека ќе остане затворена до септември 2021 година поради пандемијата предизвикана од новиот коронавирус.
Оперската куќа, која може да прими 3.800 гледачи, обично е домаќин на повеќе од 200 претстави годишно, а секоја сезона ја посетуваат речиси 800.000 гледачи, се податоци што ги наведува Метрополитен на својата официјална веб-страница.
„Со жалење ве известуваме дека Метрополитен опера донесе исклучително тешка одлука за откажување на целата сезона 2020/2021, врз основа на препораките на здравствените работници кои работат како советници во Мет и Линколн центарот, каде што се наоѓа операта“, се вели во соопштението на оваа институција.
За разлика од познатата оперска куќа, театрите во Бродвеј, кои се едни од главните туристички атракции во Њујорк, планираат да ги отворат вратите за посетителите од јануари 2021 година.