Театарската трупа „Сенки и облаци“ ќе го одржи осмото издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, овојпат во онлајн формат.
Програмата ќе се одвива онлајн, преку „Фејсбук“, на 24, 25 и 26 декември.
„Сонот на облачето“ е единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, кој веќе осма година, и во услови на пандемија, придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки.
Фестивалот е една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската македонска публика, а оваа година нема да биде исклучок.
Покрај организаторите од трупата „Сенки и облаци“ во богатата програма со изведби, работилници и дебата, ќе им се придружат и колегите Hayali Balaban, Moscow Shadow Play Theatre, Shadow & Puppet Theater – Ginat, Mottili Theatre, Alaluz Shadow Puppet Theater, Fictionville Studio, Luz, micro y punto и Unterwasser.
Заинтересираните ќе може да ги следат содржините онлајн на фејсбук-страната на „Сонот на облачето“, за да добиваат навремени известувања од организаторите.
Театарџиите ќе дискутираат во онлајн дебатата насловена „Сенки во време на пандемија”, а најмалите ќе уживаат во изведбите на домаќините и гостите, како и забавната работилница насловена „Сенки без маски“ закажана за последниот фестивалски ден, во сабота.
Театарoт „Сенки и облаци“ постои од 2005 година и играта со сенки и светла е единствениот театарски израз кои тие го негуваат. Во својот репертоар имаат сосема различни претстави кои тематски видливо се разликуваат една од друга, но нишката која ги врзува е уникатната естетика и едноставниот, на моменти наивен израз, кој му дава посебен шарм на пренесувањето на приказните.