Вечерва (31 август), со почеток во 20 часот, во Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар, ќе биде отворена изложбата „Она што го гледаме за последен пат“ на авторот м-р Дарко Николовски – историчар на уметност и кустос советник во НУ. Конзерваторски центар – Скопје.
Изложбата „Она што го гледаме за последен пат“ претставува фотографии на сакрални објекти и рурална архитектура, од маргините на скопскиот регион.
Низ фотографии, прикажано е богатото културно наследство: црквите и манастирите, но и народното градителство, првенствено експонирано во позначајните објекти, репрезенти на старата рурална архитектура, кои и покрај видно нарушената состојба, сведочат за автентичноста и континуитетот на македонската градителска и зографска традиција.
На изложбата, прикажани се споменици од поствизантискиот период, кои покрај монументалните споменици од средовековието, ја пополнуваат сликата за непрекинатиот сакрален живот во скопската епархија.
Целта на изложбата е подигање на свеста кај јавноста, кон поголема грижа и заштита на македонското културно наследство.
Изложбата ќе биде отворена до 14 август.