Утрински Весник
Свет

Олбрајт: Со изборот на Бајден за претседател САД влегуваат во нова ера

Олбрајт: Со изборот на Бајден за претседател САД влегуваат во нова ера

Некогашната американска државна секретарка Медлин Олбрајт изјави дека со изборот на Џо Бајден за претседател, САД влегуваат во нова ера. Како што рекла, во таа ера, ќе биде многу важно тесно да се поврзaт надворешната и внатрешната политика.

„ Со изборот на Бајден за претседател и Камала Харис за потпретседателка, имаме можност за нова политика, бидејќи верувам дека влегуваме во една целосно нова ера“ рекла Олбрајт на панелот на Атлантскиот совет, под името „Изградба на темелите во САД за американското лидерство во странство“.

Според неа, многу е важно Американците да не се плашат да зборуваат за надворешната политика, бидејќи се покажа дека тоа влијае и на внатрешната политика и животот на граѓаните во САД. Олбрајт истакна дека, за време на нејзиниот мандат (1997-2001), таа секогаш се обидувала да ја поврзе надворешната со внатрешната политика, но истакна дека геополитичката состојба во светот сега е поинаква.

Коментирајќи го идниот кабинет на Бајден, таа оцени дека номинациите се позитивни, бидејќи станува збор за луѓе кои имаат чувство и за надворешната и за внатрешната политика. Таа е убедена дека во наредниот период ќе има координација помеѓу надворешната и внатрешната политика. Особено, пандемијата на Ковид-19, рече таа, покажа колку е важно да се поврзат двете политики.

Олбрајт смета дека Соединетите држави, по четири години администрација на Трамп, немаат добар углед во светот и дека постои недоверба, но дека новата администрација сака да го смени тоа.

„ Искрено, многу меѓународни организации треба да се поправат, но тоа не може да се направи ако не сте на маса“, рече таа, додавајќи дека веќе може да се види дека администрацијата на Бајден ја разбира потребата за соработка.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Над седум милиони Американци ќе можат да добијат бесплатни лекови за прекумерна тежина

Марин Ле Пен може да предизвика огромна финансиска криза во Европа

По 20 години, уапсен е еден од најбараните бегалци по кои ФБИ имаше издадено потерница