Околу 3.000 лица беа уапсени за време на протестот во Белорусија, откако актуелниот претседател Александар Лукашенко освои нов мандат на вчерашните избори.
Портпаролката на Министерството за внатрешни работи Олга Чемоданова рече дека 1.000 луѓе биле уапсени во Минск, а 2.000 во други делови на земјата.
„За време на неодобрените протести, повредени се 39 полицајци и повеќе од 50 цивили“, рече Чемоданова.
Таа додаде дека синоќа и утрово демонстрантите се собрале во близина на избирачките места и во централните плоштади во 33 градови во Белорусија, јавува ТАСС.
Претседателката на Изборната комисија соопшти дека Лукашенко освоил 80,23 проценти од гласовите на претседателските избори.
Илјадници Белоруси излегоа на улиците низ целата земја откако беа објавени првите резултати од претседателските избори на кои Александар Лукашенко го освои шестиот мандат.
За време на протестот дошло до судир со полицијата, која користела шок-бомби, солзавец и водени топови.