Скопје, 4 мај 2020 (МИА) – Во рамки на скринингот што заврши во Дебар, околу 2.300 тестови се направени, кај 35 лица беа детектирани антитела, еден дел кои беа заболени, друг дел по случаен избор. Значи, еден мал процент граѓани кои имаат имунитет, е уште еден доказ дека нашата стратегија да не се прави скрининг со серолошките тестови во оваа фаза, практично е успешна, заради тоа што не може да не донесат до никаков посебен заклучок, за нешто што можеше да придонесе за димензионирање на мерките.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција на која информираше и за состојбата со Ковид-19 во државава.
Посочи дека денеска се регистрирани 47 оздравени пациенти и тоа во Скопје-9, Куманово-9, Прилеп-8, – Тетово 13, Охрид 1, Гостивар 5 и во Кочани и Крива Паланка по еден оздравен пациент.
– За жал, имаме и еден починат пациент, утрово на Инфективната клиника во Скопје, пациент на 65 години, кој бил хоспитализиран на 27 април. Во однос на бројката на новодијагностицирани, денеска се дијагностицирани седум нови случаи. Во Скопје и Прилеп по еден, во Тетово четири пациенти и во Кратово еден новодијагностициран пациент. Вкупната бројка дијагностицирани, од почеток на епидемијата изнесува 1.518 лица, од кои оздравени се 992, починати 85, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 441 лице, пациенти со Ковид-19, рече Филипче.
Во изминатите 24 часа, потенцира, направени се 113 тестови, односно вкупно се 17.359 тестирања од почеток на кризата.
– На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се примени двајца нови пациенти, вкупно се хоспитализирани 41, на кислородна поддршк се 21 пациент, а еден пациент е на респираторна машина. Во ГОБ „8 септември“ се примени тројца нови пациенти, вкупно се хоспитализирани 24, на респираторна машина се пет пациенти и уште тројца се со нешто потешка клиничка слика. Во болницата во Битола се лекуваат четворица пациенти, во болницата во Штип, исто така – четворица, и во двата града се следат пациенти на домашно лекување. На инфективните одделенија во болниците во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар и Тетово се хоспитализирани 46 пациенти, додаде Филипче. рп/са/