Вториот дел од фестивалот „КРИК 05“ ќе се одржи од 15 до 18 септември во Музејот на современа уметност. Овогодинешното издание на фестивалот започна во јуни, а ќе се одвива до декември. Темата на овогодинешниот КРИК, „Конечноста и кршливото општество – социјализам, слобода и секуларност“ е инспирирана од книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“.
На 15 септември од 19:30 часот предавање ќе одржи Елизабета Шелева во разговор со Мања Величковска – „Тропи на ранливоста (потеклото како долг или бегство од биографија)“. За 21 часот е најавен концерт на „Кабадајас“.
Предавањето „Политичкото естетско: релационост, ранливост и антагонизам“ на Славчо Димитров во разговор со Артан Садику ќе се одржи на 16 септември, со почеток од 19:30 часот.
За 17 септември од 19:30 часот е планирано да се одржи дијалогот „Смртта и сексуалноста“ на Артан Садику и Станимир Панајотов.
На последниот фестивал ден, 18 септември, од 19:30 часот премиерно ќе се прикаже краткиот фотографски филм на Иван Блажев „Сето време е сето време“. Од 19:40 часот, предвидено е да се одржи предавањето „Пролегомена за една комунитативна ангажираност“ на Небојша Вилиќ, проследено со излагања и разговор со Натали Р. Павлеска и Јованка Попова.
„Ќе се фокусираме на три главни, прилично деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување. Станува збор за области кои се клучни одредници за историјата на филозофската и политичката мисла: слободата, секуларизмот и социјализмот. КРИК оваа година ќе се обиде да отвори и конфронтира различни епистемиолошки перспективи, прашања и полемики поврзани со воспоставувањето на овој (гол) живот кој постои во рамки на загрозените, изопачените, неправедните, и угнетувачките општества, кои почиваат врз новите капиталистички наративи кои ја проголтуваат и уништуваат идејата за емпатични, солидарни заедници“, наведуваат организаторите на фестивалот.