Утрински Весник
Економија

Од среда нов пакет бескаматни кредити за компаниите преку Развојната банка

Ангеловска: Само со дигитализација e можна департизација и ефикасна администрација

 

Скопје, 24 април 2020 (МИА) – Вториот пакет бескаматни кредити преку Развојната банка наречен „Ковид 2“ веќе од среда ќе им биде достапен на микро, малите и средни компании погодени од кризата предизвикана од коронавирусот.

Овој пакет е пообемен и нема ограничување на дејностите кои може да аплицираат за разлика од првата линија на бескаматни кредити „Ковид 1“ која беше наменета за првично најпогодените сектори – туризмот, угостителството и транспортот.

Еден од условите е компаниите да имаат пад на приходите од 30 проценти. Кредитите се бескаматни, рокот на отплата е до три години со грејс период од 12 месеци. На нула се сведени и трошоците кон Развојната банка.

Минималниот износ на кредитот е 3.000 евра, а максималниот износ 90.000 евра. Сумата ќе се определува според бројот на вработени кои компанијата го имала заклучно со 31 јануари така што минималната плата ќе се помножи со бројот на вработени и со три месеци.

Средствата во висина од осум милиони евра се обезбедени преку компензациониот фонд на Јапонија.

Според министерката за финансии Нина Ангеловска, ова е значајна финансиска инекција за микро, малите и средни претпријатија со цел да се сочува ликвидноста на компаниите и да се заштитат работните места.

–  Линијата „Ковид 2“ нуди поголема сума за бескаматни кредити од линијата Ковид 1, но и поголем износ на поединечни кредити и она што е важно е дека ги опфаќа сите дејности погодени од кризата. Има олеснети услови и олеснет начин за аплицирање, рече Ангеловска на денешната прес-конференција во Владата.

Јапонската амбасадорка во земјава Кеико Ханеда во видео обраќање изрази поддршка за мерките што ги презема Владата и надеж дека тие ќе им помогнат на компаниите да продолжат да работат и да се сочуваат работните места.

– Сите земји се борат против коронаворусот и во овие тешки времиња треба заедно да работиме и да се поддржуваме. Мило ми е што уште еднаш можеме да го потврдиме цврстото пријателство меѓу Северна Македонија и Јапонија, порача Ханеда.

Аплицирањето ќе биде електронски, а документацијата за „Ковид 2“ е речиси иста како и за првиот пакет „Ковид 1“.

– Јавниот повик е веќе објавен и во него се уредени условите кои треба да ги исполнуваат апликантите за овие втори бескаматни кредити. Со ова им даваме неколку дена на компаниите за да ги подготват своите апликации и да може да аплицираат во среда, истакна директорот на Развојната банка Кире Наумов.

Во соработка со Централниот регистар договорено е потребните документи од оваа институција да се издаваат бесплатно.

– Следејќи ги препораките и уредбите на Владата, Централниот регистар и Развојната банка склучија договор за интернет дистрибутивен систем за потребите на огласот Ковид 2 со цел да им се помогне на микро, малите и средни претпријатија кои планираат да аплицираат за двтората кредитна линија. Со овој договор, Централниот регистар ќе ги дава бесплатно документите што им се потребни на кредитобарателите, посочи директорката на Централниот регистар Марија Бошковска-Јанковски.

За првиот повик „Ковид 1“ за кој на располагање се 5,7 милиони евра, досега се одобрени 2,2 милиони евра на 254 компании со околу три илјади вработени. Интересот за овој повик, како што информира директорот на Развојната банка, е голем и побарувачката го надминува скоро двојно буџетот наменет за оваа кредитна линија.

Вкупниот износ на средства што им се даваат на располагање на компаниите со двата повика изнесува 13,7 милиони евра.  Покрај ова, компаниите имаат на располагање и околу 50 милиони евра преку комерцијалните банки. бак/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија