Скопје, 11 април 2020 (МИА) – Со донации на домашните компаниии на наменската сметка на Министерството за здравство се собрани 800.000 евра.
– Една од првите што излезе пресрет е Алкалоид, компанијата донира 200.000 евра за Министерството за здравство, а дополнително ги намали цените на 158 свои производи. Комерцијална банка обезбеди парична помош во износ од 100 илјади евра, и уште дополнителна заштитна опрема во вредност од 20 илјади евра. Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, издвои 100 илјади евра во опрема за здравство. Истото го стори и ОКТА со донација од 50 илјади евра, како и Битолска млекара со донација финансиски средства за сервис и репарација на апаратите за респираторна нега, коишто се потребни за Инфективната клиника во Скопје, се наведува во соопштение што за донациите на компаниите го дистрибуира пи-ар агенција.
Како што истакнуваат, голема помош за Министерството за здравство пристигна и од голем број странски држави, претставништва, амбасади и организации.За сите нив и за секоја донација Министерството за здравство упати јавна благодарност за укажаната помош. Дел од компаниите, како Халкбанк, Битолска млекара и Комерцијална, како помош за Владата и економскиот сектор за справување со последиците од епидемијата, предвреме го платија данокот на добивка.
-Во справувањето на Владата и институциите со вонредната ситуација предизвикана од пандемијата клучна улога игра стопанскиот сектор со пружање многу потребна и значајна помош за ублажување на ефектите од кризата, се вели во соопштението. лв/сп/