Министерство за здравство потсетува дека, од денеска започнува да важи уредбата на Владата за носење на лична заштитна опрема за носот и устата и која може да биде респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично.
„Задолжително е носењето на заштитна опрема за покривање на носот и устата во сите јавни затворени простори како што се средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори каде што нема можноста за одржување на дистанца од два метри помеѓу граѓаните како што се пазари, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично,“ се вели во соопштението.
Носењето на заштитна опрема за покривање на носот и устата не е задолжително при престој во домот, во сопствен двор или тераса, при спортување, возење велосипед или прошетка на отворен простор со одржување дистанца поголема од два метри.
„Носењето на на заштитна опрема за покривање на носот и устата мора да биде проследено со зголемена хигиена на раце и граѓаните мора да се многу внимателни како се става, а како се вади прекривката како се манипулира заради тоа што и нечисти раце во надворешна средина при манипулацијата може да предизвикаат инфекција. Важно е редовно да се одржува хигиена на прекривката на носот и устата, односно да се пере и пегла прекривката за повеќекратна употреба по секое носење, а маските за еднократна употреба да се отстрануваат правилно во затворени кеси во отпад,“ се додава во соопштението.
Министерството за здравство апелира до сите граѓани целосно и без искулчок да ја почитуваат мерката за носење на на заштитна опрема за покривање на носот и устата, задолжително често и темелно миење на раце со сапун и вода или средства за дезинфекција, одржување на физичка дистанца од два метри секогаш кога тоа е возможно.