Утрински Весник
Македонија

Од велешка Маслодајна го повикуваат градоначалникот Коцевски на средба и заеднички решавање на проблемот

Од велешка Маслодајна го повикуваат градоначалникот Коцевски на средба и заеднички решавање на проблемот

Велес 23 јуни 2020  (МИА) – Од менаџерскиот тим на велешка Маслодајна А.Д „Благој Ѓорев“ денеска на прес-конференција побараа заедничка средба со градоначалникот Аце  Коцевски и го повикаа да им помогне во решавање на проблемот. Тие бараат од Општината итно добивање градежна дозвола за инсталирање на најсовремена опрема вредна 1,5 милион евра, која чека во фабричкиот двор да биде инсталирана. А  со која, како што тврдат,  ќе имаат подобро рафинирање на маслото за јадење и подобар квалитет, но и помала потрошувачка на пареа, а со што според нив  ќе ги намалат и штетните емисии во воздухот ,а со тоа ќе се заштити и воздухот и животната средина во градот.

Во нивно име оваа постапка која веќе две и пол години е заглавена во општинската администрација на нивно барање првично ја водела фирмата „Урбан проект“ ,а сега „Линеа ДОО“. Тие се жалат дека Општина Велес се уште не им издала градежна дозвола.

Како што информира на  Олгица Стојанова директор на производство и одржување, на 5 декември 2017 година А.Д „Благој Ѓорев“ првпат поднеле барање до Општина Велес за отпочнување на постапка за имплементација на новата опрема.

-Знаеме дека за тоа е потребно време но две и пол години е долг период за да не ни дозволат да инвестираме веќе набавена врвна опрема произведена од „Алфа Лавал“ со којашто опрема ќе имаме подобро рафинирање на маслото, подобар квалитет, а со овој работен процес ќе имаме помала потрошувачка на пареа, побарувачка од понизок работен притисок со што ќе ги намалиме нашите емисии во воздухот. Со оваа нова опреме би обезбедиле поквалитетен производ за граѓаните кои ги користат нашите производи, а истовремено би ја заштитиле и животната средина, посочи Стојанова.

Таа информира дека за инсталирање на оваа современа  опрема ќе се гради и метална  конструкција која ќе биде повисока, со што ќе се замени старата опрема со нова поефикасна за работа и ќе се намали потрошувачката и ќе се намалат штетните емисии во воздухот од фабриката.

-Со оваа опрема добиваме и автоматизација со што побезбедно би го набљудувале процесот, иновативност, развојна технологија со која би имале постојано следење на параметрите на пософистициран начин и би обезбедиле подобар квалитет, посочи Стојанова.

Таа од името на раководниот тим и сите вработени во велешка Маслодајна јавно го повика градоначалникот Аце Коцевски на заедничка средба на помирување и решавање на случајот.

Хаварија во велешка Маслодајна се случи на 14 јуни претпладнето околу 10,30 а инцидентот бил пријавен во 10,50 во СВР Велес  настанат на резервоарот за мазут, во  системот за одржување на температурата на мазутот се појавил дефект заради прскање на греачот, поради што, како што тврдеа, од Општина Велес дошло  до излевање на околу еден тон мазут,.

Од Маслодајна по настанот за медиумите појаснуваа  дека дел од мазутот се пренесочил  во резервниот резервоар, а бидејќи тој не бил доволен за да го прими целокупното истечено количество, дел од мазутот  од 200-300 килограми се излеал по главната улицата „Алексо Демниевски“ која води кон Железничка станица.

Од Маслодајна пак  денеска тврдеа дека не биле околу 300 туку 200 килограми мазут.

Тие како што приложија тогаш и со фото  документација по хаваријата,  веднаш  пристапиле кон санирање на штетата со истурање на ќоспе од  лушпи од сончоглед за да го впие мазутот и  да не дојде до лизгање на улицата како и да се спречи истекувањето на мазутот во испусниот атмосферски  канал на улицата пред фабриката.

За мрсните дамки во водите на Вардар, 20 часа по настанот кои беа регистрирани од ЗСР „Бабуна“ и локалната власт  од Маслодајна се бранеа дека не е нивна, туку вина на ЈКП„Дервен“ која после 20 часа ја измила улицата пред фабриката, а дел од водата со  мазут преку испусниот канал  потоа завршил во водите на реката Вардар.

Анита Чакарова директор за контрола и одговарна за безбедност, на денешниот прес јавно праша дали е тенденциозно миењето на улицата „Алексо Демниевски“ или тоа се случило од неинформираност

-Дали тоа треба да се мие и со какви средства, бидејќи нашите вработени не прифатија совесно сами да извршат перење на улицата бидејќи знаеме дека може да дојде до лизгав пат и до загадување на животната средина и нарушување на безбедноста во сообраќајот. Затоа ние таа работи им ја препуштивме на институциите мислејќи дека тие работата ќе ја извршат совесни, посочи Чакарова.

Таа запраша зошто надлежните не поставиле безбедносни знаци на патот, а тоа  совесно  го направиле вработени во фабриката за да ја осигураат безбедноста на улицата.

Чакарова  обвини дека стручните служби не им дале инструкции за безбедно одлагање на отпадот по хаваријата и тие 24 часа не добиле никаков одговор и биле принудени сами да го депонираат отпадот до Комуналното претпријатие.

Таа рече  дека од сите институции имало молк и запраша зошто и која им  била целта.

Инаку на барање на Општина Велес деновиве увид во настанот направи Државниот инспекторат за животна средина кој треба да се произнесе и дали ќе изнесе казна во врска со оваа петта хаварија од велешка Маслодајна која  е  случена за само  18 месеци.ад/скс/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме