Утрински Весник
Свет

Огромен комплекс од Јудејското царство од 7 век п.н.е. откриен во Ерусалим

Огромен комплекс од Јудејското царство од 7 век п.н.е. откриен во Ерусалим

Како биле собирани даноците и во каква форма на „храна“ биле чувани во периодот на кралевите во Ерусалим? Ново водушевувачко откритие во населбата Арнона, богата со артефакти, ги одведе археолозите чекор поблиску до одговори на овие необични загатки, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Огромен антички комплекс е ископан во близина на новата амбасада на САД во Ерусалим, откривајќи голема колекција од отпечатоци од кралски печат, веројатно една од најголемите колекции од античкото Јудејско царство, според истражувачите од Израелскиот оддел за антиквитети.

Структурата датира од времето на владеењето на јудејските цареви Езекија и Менаше, кои владееле приближно од 8. до средината на 7. век пр.н.е. и се верува дека е административна зграда која била одговорна за собирање и складирање на даноците.

Ова е индицирано со повеќе од 120 печатирани рачки од садови пронајдени на локацијата бидејќи во тоа време земјоделските производи се користеле како пари за плаќање данок, вклучително и стоките како вино и маслиново масло. Повеќето од печатираните записи, за кои се верува дека биле направени пред околу 2.700 години, се на античко хебрејско писмо и го содржат изразот „LMLK“ или „LamMeLeKh“, што може да се дешифрира како „припаѓа на царот“.

Според археолозите, откривањето на овие отпечатоци од печат претставува неверојатен додаток на неколку илјади слични печати што биле пронајдени претходно за време на ископувањата.

Но, откритието на целиот комплекс, кој се наоѓа на само три километри надвор од Стариот град, со неговата главна, исклучителна структура од Железната доба, се верува дека подлабоко ќе објасни како биле собрани даноците и како функционирал административниот систем во периодот кога Ерусалим го воделе царевите.

„Ова е едно од најзначајните откритија од периодот на царевите во Ерусалим во последните години. На местото што го ископавме има знаци дека владината активност управувала и дистрибуирала резерви на храна не само кога имало недостиг, туку управувала и со земјоделскиот вишок, складирајќи добра и богатства “, велат археолозоте Нери Сапир и Натан Бен-Ари, кои го водат ископувањето.

Меѓу другите необични откритија се збирката глинени идоли во форма на животни, жени, па дури и јавачи на коњи. Според археолозите, овие идолопоклонички предмети би можеле да се толкуваат како симболи на паганското обожавање, кое било распространето во периодот на Јудејското царство.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков