Скопската премиера на англиско-македонската документарна копродукција со наслов „Сава“ (Велика Британија, Македонија, 2021, 74 мин.) беше пречекана со силни емотивни воздишки и бурни овации.
Станува збор за филм кој е снимен долж течението на реката Сава и носталгично потсетува на некои минати времиња. Со непретенциозно одбрани протагонисти, филмот го отсликува актуелното време на транзиција и поделеност со граници, а реката е метафора на спојувањето на луѓето од сите страни на границите. Гласот на реката во филмот го дава светски познатата актерка Мира Фурлан, која за жал, почина за време на правењето на постпродукцијата на филмот.
Режисер на филмот е Метју Сомервил, на сценариото работела Мира Фурлан, снимател е Дан МекКрум, а монтажата е на Горјан Атанасов. По проекцијата на филмот на 23 август во Куршумли-ан, пред публиката се претставија Метју Сомервил и Горјан Атанасов. Англискиот режисер веднаш потенцираше дека филмот го посветува на Мира Фурлан, бидејќи таа, како и филмот, пренесуваат пораки против национализмот и поделбите по која било основа.
– Во текот на снимањето на филмот шест недели патувавме во различни предели околу реката, пронајдовме многу луѓе со различни животни приказни и перспективи, но една работа што ги поврзува сите нив е реката Сава. Преку нив открив една социјална реалност што претходно не ја познавав – рече Сомервил.
Тој додаде дека некои документаристи прават филмови за конфликти, но неговата намера била да направи филм за река што ги обединува луѓето, објаснувајќи дека со македонскиот монтажер Горјан Атанасов се запознале преку заеднички пријател во фазата на продукција на филмот.
На 23 август на платото пред Куршумли-ан се одржа и премиерата на документарниот филм „Цвеќиња на водата“ (Македонија, 2021, 26 мин.) на македонската авторка и визуелна уметница Тања Балаќ. Филмот носи социјална тематика, а главни протагонисти се членовите на едно скопско семејство кое во поплавите во селото Стајковци во 2016 година го изгубило својот дом. Преку приказната на Ратка, жена што својата љубов кон животот и уметноста ја преточува во правење цветни аранжмани со кои си ја обезбедува егзистенцијата, е прикажана борбата на семејството да си го врати својот дом. Сценариото и режијата се на Тања Балаќ, камерата и монтажата се на Кирил Шентевски, на звукот работеа Кирил Шентевски и Сергеј Сарчевски, а користена е музика од Александар Пејовски, Дуке Бојаџиев и Владо Манчевски.
Во рамките на филмската програма на 22 август во МКЦ Парк се одржаа премиерите на три краткометражни филмови од школата „ДокуНикулци“ на „МакеДокс“. Станува збор за филмовите „Кино Мортус“ (11 мин.) на Ивана Цветаноска, „После Марко“ (21 мин.) на Мила Макаровска и „Уметност над уметностите“ (46 мин.) на Давид Стојановски. Младите филмски автори на „МакеДокс“ разработуваат различни тематики. Во „Кино Мортус“ преку соговорниците, познати филмофили и филмски критичари, Илинденка Петрушева и Влатко Галевски, младата Цветаноска потсетува на скопските кина, кои постоеле во времето пред таа да биде родена. Во документарецот „После Марко“, режисерката Макаровска заедно со членови на Македонското еколошко друштво е во планините во потрага по македонскиот рис. Со филмот „Уметност над уметностите“, во кој како главни протагонисти се појавуваат владиката о. Климент и музичарите Горан Трајкоски и Ристо Солунчев, режисерот Стојановски од световниот живот тргнува во потрага по Првоуметникот. Филмовите се реализирани со супервизија на сценаристката и режисерка Петра Селишкар и кинематограферот Бранд Ферро.
Во индустрискиот сегмент на 12.МакеДокс од 23 до 25 се одржува третото издание на МакеКоПроДокс форумот, кој има за цел да развие стратешки план за зајакнување на копродукциите на документарниот филм помеѓу земјите од Балканот. Форумот се одржува онлајн од студио сместено во Младинскиот културен центар. Првите два дена се одржаа четири сесии во кои беше вклучено претставување на филмските центри и поединечни проекти од Балканот, тематската сесија „Западно-источен начин на ’продавање на кромидот‘ – Добри практики за национална дистрибуција и промоција на документарци на интернационални пазари и фестивали“, како и пичинг на 11 проекти кои аплицираа за учество на форумот.
Во претставување на документаристичкиот амбиент на Балканот се вклучија Филмскиот центар на Србија, Филмскиот центар на Црна Гора, Словенечкиот филмски центар, Косовскиот центар за кинематографија, Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Грчкиот филмски центар и Бугарскиот национален филмски центар.
Модератори на форумот се Хеле Хансен (поранешен комесар за документарни филмови – Норвешки филмски институт), Бриџид О’Шеа и Зејнеп Ѓузел од „Документарна асоцијација на Европа“. Покрај претставници од националните филмски центри, пичингот на 11 проекти во фаза на продукција на 24 август го следеа и претставници на повеќе фестивали и мрежи за документарни филмови, продуценти, агенти за продажба, како и Хајно Декерт, еден од најпознатите европски дистрибутери на документарни филмови. Форумот е организиран и поддржан од „МакеДокс“, Агенција за филм на Република Северна Македонија, Гете институт Скопје и Младински културен центар Скопје.
Дванаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Град Скопје, Гете институт Скопје, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Украина во Република Северна Македонија, Здружение на Украинци во Република Северна Македонија во име на Лесја Украинка, Норвешка амбасада Белград, Норвешки филмски институт, Француски институт Скопје, Амбасада на Кралството Шпанија, УНИЦЕФ, СПОНА, Амбасада на Република Чешка и Чешки културен центар Софија.
Партнери на 12. МакеДокс се „Петра Пан филм продакшн“, Младински културен центар, Кинотека на РСМ и мрежата на документарни филмски фестивали „Doc Around Europe“.
Медиумски покровители на 12. МакеДокс се Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Плагиј.ат, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Его, Поп-ап, Види Вака и Гледај.мк.
Текстот Овации на премиерата на „Сава“ – филм за реката која ги обединува луѓето е превземен од МАКФАКС.