„Матица македонска“ го објави романот „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски
Најновото прозно дело на познатиот современ македонски писател е лоцирано во време во кое мислиме дака целиот свет е наш а всушност ништо не е наше, па луѓето повеќе живеат во она што го немаат одошто во она што го имаат. Главниот лик верува дека животот е фронт, а за да се победи мора да се ризикува, да се анализира и да се утврди што ни недостасува, да се промени она што не чини..
„Фантомско стапало е роман што се чита со голема возбуда и естетска радост. Врвна проза на мајстор за поетски слики, животна убедливост и документарност. Впечатливо дело, почнувајќи од лексичка свежина, преку антологиските слики, па сѐ до начинот на кој се води приказната… Станува збор за голема, оргинална иновација која суверено го брани животот од самото срце на постоењето, онаа апсолутна внатрешна исполнетост и заситеност со живот на која не ѝ треба ништо друго, освен зборот, а со тоа вербата во приказната и прикажувањето. Маестрален роман за постоењето надвор од постоењето“ пишува Маџунков во поговорот на изданието.
Блаже Миневски ( 1961) е автор на романите „Јас, Тито и Мики Маус“ „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“, „Нишан“ „Свирци“, „Црна лисица“, „Мемоарите на една млечка“, „Љубовникот на Ленин“ и „Мрежата на Мамли“, како и на збирките раскази „Пристапната беседа на академик Сисое“, „Во рогот на волот“ и „Сезона на глуварките“.
За своето богато прозно творештво добитник е на наградите: „Стале Попов“, „Роман на годината“, „13-ти Ноември“ и на „Рациновото признание“. Негови дела се преведени на дваесетина странски јазици, меѓу кои на: англиски, руски, турски, српски, бугарски, италијански, полски, романски, словенечки и др. Застапен е во антологииите на македонската кратка проза, објавени во последниве три децении.