Утрински Весник
Култура

Објавен романот „За тоа ли беше сѐ“ на бугарскиот писател Евтим Евтимов

Објавен романот „За тоа ли беше сѐ“ на бугарскиот писател Евтим Евтимов

„Македоника литера“ неодамна го објави романот „За тоа ли беше сè“ од познатиот бугарски писател Евтим Евтимов. Романот е напишан со современ стилски израз и со вешто изведена структура. Во основа е политички роман, но тој, пред сè, е постмодерно егзистен-ци¬јален, во кој на еден суптилен начин авторот говори за човечката судбина, за страдањата на човекот поради политичките парадокси.

Дејството е сместено во бугарскиот политички контекст по Втората светска војна, карактеристичен за источно-европските земји во тој период, и ја разобличува репресивноста на тој режим, којашто во осумдесеттите години, пред залезот на режимот во времето на Тодор Живков, ќе ја почувствува и авторот на романот. Според темата, филозофско-етичкиот пристап и пораките кои се искажани – тоа е, пред сè, роман со наднационални вредности и со универзален простор и универзално време, роман за доброто и злото, за судбината на човекот, за предавствата што ги вршат луѓе спрема своите блиски и спрема себеси, за компромисите поради користољубие, за цената за купување кариера, за изневерените мечти и идеали, за кругот на времето и на животот и на човечките судбини.

Заснован врз ужасни вистински настани, но богат со метафори и слики, романот претставува филозофско-етички и естетски трактат за пресвртите во историјата и во животот на човекот. Исти луѓе во исти ситуации си ги менуваат местата – жертвите стануваат џелати, а џелатите жртви. И едните и другите се во маѓепсан круг на човечката превртливост и злоба.

На крајот на романот е објавен и поговор од литературниот критичар и издавач Пламен Тотев, кој го објаснува контекстот во којшто се одвива дејството, но и мотивите на Евтимов да го напише ова дело.

Евтим Михалушев Евтимов (1933, Петрич – 2016, Софи¬ја) е познат бугарски писател. Работел како учител, раководител на радио, директор на издавачка куќа и главен уредник на списанија. Образованието го завршил на Институтот за основни учители во родниот град, во 1952 година. Десет години бил учител во родниот крај. Работел и како програмски дирек¬тор на радиото во Петрич, секретар на Градската библио¬тека (1962 – 1965). Бил раководител на Одделот за поезија и директор на Издавачката куќа „Народна младеж“ (1966 – 1984), главен уредник на весникот „Литературен фронт“ (1984 – април 1988, кога е отпуштен) и главен уредник на списанието „Родољубие“ (1989 – 1991).

Најпознат е по својата поезија. Многу негови песни се компонирани, а некои негови стихови денес се познати бугар¬ски песни. Политичките, патриотските и љубовно-испо-ведните мотиви се доминантни во неговата поезија, а поради ритмичната структура и стилистиката блиски до народната песна беше посебно популарен кај широк круг читатели. Љубовта е основниот елемент во поетскиот вред¬но¬сен систем на Евтимов. Таа е пространство во кое најце¬лос¬но и најискрено се отвора лирското јас. Класичната ритмич¬на структура, блискоста до стилистиката на народ¬на¬та песна и успешните естрадни интерпретации на неговите стихови ја направија особено популарна љубовната лирика на Евтим Евтимов. Лиричен и вдахновен е и во својата проза.

Првите стихови ги објавил во 1951 година во весникот „Пиринско дело“. Автор е на околу 40 книги. Повеќето негови книги се поезија. Добитник е на повеќе награди за книжевност и култура, а во Бугарија уживаше статус на култен автор. Преводот на романот е на Нове Цветаноски.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“