Утрински Весник
Култура

Објавен романот „Гордиот Дабидеш“ на чешката писателка Ирена Доускова

Објавен романот „Гордиот Дабидеш“ на чешката писателка Ирена Доускова

„Македоника литера“ го објави романот „Гордиот Дабидеш“ на чешката писателка Ирена Доускова, кој е едно од најпознатите чешки прозни дела на 21 век, извонредно успешен и познат бестселер со повеќе изданија на чешки јазик и е преведен на петнаесетина јазици. Неговата сценска адаптација долго време се изведува во чешките театри и често е прикажувана на чешката телевизија.

„Гордиот Дабидеш“ е најуспешната книга на Доускова. Ова дело стана едно од најпознатите чешки прозни дела објавени во времето на кадифената револуција. Само во Чешка се продадени повеќе од 65.000 примероци.

Приказната во оваа книга ја раскажува едно девојче кое истовремено е и паметно и наивно. Хелена Соучкова нè води во текот на една година од првиот период „владата“ на комунистичкиот претседател Хусак, опишувајќи комични, како и по малку забавни епизоди и ситуации во кои се вклучени деца и возрасни.

Кратките епизоди создаваат компактна приказна која ги открива и малите и поголемите трагедии од детството на Хеленка.

Хелена Соучкова, осумгодишна ученичка во мал провинциски град, се соочува не само со лошата страна на животот во комунистичка Чехословачка, туку и со повеќе универзални проблеми, како што се смртта, училишни вечери, вина, тапи учители, предавство, љубов, еврејство, немирни помали браќа, речиси отсутни татковци, сурови соученици, лажни возрасни лица, морничави соништа и кошмари што го рефлектираат општеството околу неа. Дете на своето време, Хелена сепак се издигнува над сето тоа со својата грижливост, здравиот разум и мрачни замислувања, кои денес ни зборуваат со јасност и моќ. Хелена стана добро познат архетип во чешкото општество.

„По својата природа `Гордиот Дабидеш` е лесна, опуштена, нежна и интелигентна лектира што кај читателот предизвику¬ва смеа до солзи и наплив од носталгија“. (Бара Грегорова, „Литература“)

Ирена Доускова (1964) е чешка писателка: романсиер, раскажувач, поет и драмски автор. Завршила правен факултет, а работела како новинар, библиотекар и драматург. Од 2006 година заработува за живот од пишување книги, драми и филмски сценарија. Живее во Прага.

Автор е на десетина прозни книги кои се продадени во повеќе од 100.000 примероци само во Чешка. „Гордиот Дабидеш“, „Онегин од Русија“ и „Дарда“ може да се сметаат за трилогија. Ги поврзува главниот лик – Хелена Соучкова. Овие три романи се нејзините најпопуларни дела. Сите три книги имаат и сценска адаптација од авторот, и сè уште успешно се играат во чешките театри. За главната улога во „Гордиот Дабидеш“, која е одиграна во повеќе од шесто¬ти¬ни претстави, Барбора Хржанова е наградена со највисоката чешка драмска награда – „Талија“.

Книгите на Ирена Доускова се објавени на англиски, германски, руски, бугарски, унгарски, полски, словенечки, белоруски, шпански (во Мексико), босански, хрватски, украински, турски и латвиски. Ова е прво нејзино дело објавено на македонски јазик.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“