Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве ја објави книгата „Вовед во кинеската култура“ од кинеските автори Је Ланг и Џу Лиангџи.
Книгата претставува монографско претставување на кинеската култура – од почетоците на кинеската цивилизација и големите пронајдоци на древна Кина до денес. Во неа е даден преглед на севкупната кинеска култура, со посебен детален опис на најзначајните аспекти и на одредени уникатни карактеристики и одлики на кинеската култура.
Во 30 поглавја, и со голем број илустрации, во книгата се објаснуваат класичната филозофија, мудроста и религијата на Кина, креативноста и комуникацијата, уметноста и естетиката, како и нејзините народни обичаи и традиции. Книгата се фокусира на културниот дух и основните вредности, демонстрирајќи го шармот на кинеската култура со атрактивни описи, како и животните ставови и естетскиот вкус на кинескиот народ и универзалните вредности содржани во кинеската култура.
Освен општото знаење, оваа книга дава детален вовед за одредени специфични особености и акценти на кинеската култура, односно духот и суштинските вредности на кинеската култура, особено оние со универзално значење, овозможувајќи им на читателите да стекнат подлабоко разби¬ра¬ње и запознавање на суштината на кинеската култура. Темите опфатени во оваа книга се движат од древните чуда, како што се Забранетиот град, Големиот ѕид, теракотната војска и традиционалните живеалишта на обичните луѓе, па сè до трајните уметнички дела во калиграфијата, сликарството, пејзажното сликарство, градинарство, пекиншката опера, порцеланот.
Авторите се врвни познавачи на кинеската култура. Ѓе Ланг е професор по филозофија и декан на Факултетот за уметности на Универзитетот во Пекинг. Неговите главни дела се однесуваат на историјата на кинеската естетика и естетика во кинеските романи. Џи Лиангџи е професор по филозофија на Универзитетот во Пекинг. Автор е на повеќе дела за кинески уметности.
Овој монографски преглед на кинеската култура е веќе објавен на петнаесетина јазици, односно речиси на сите поголеми јазици во светот. Преводот на македонското издание од англиски јазик е на Елена Саздовска.