Скопје, 25 февруари 2020 (МИА) – Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение за тешка кражба против двајца државјани на Албанија.
Обвинетите како соизвршители, на 24.09.2019 година, се наведува во соопштението од Обвинителството, од возило „Фолксваген пасат“ со гевгелиски регистарски ознаки, паркирано во гаражите на еден трговски центар во Скопје, одзеле машка торба со 684.200 денари.
-Тие го забележале оштетениот сопственик како излегува од возилото и со употреба на специјален уред – блокатор привремено го спречиле сигналот за заклучување на автомобилот. Оштетениот, верувајќи дека успешно го заклучил возилото, се оддалечил, а обвинетите ја отвориле вратата, влегле внатре и ја одзеле торбичката во која се наоѓале две пликоа со 11.000 евра, 100 американски долари и ситни пари – српски динари, хрватски куни и бугарски левови, клучеви и полнач за мобилен телефон. Откако ја извршиле кражбата тие го напуштиле местото на настанот, информираат од скопското обвинителство.
Воедно, поради опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог, со кој побара на обвинетите да им биде продолжена претходно определената мерка притвор. оџ/дма/