Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ од денеска до четврток во подрачни одделенија на Државната изборна комисија во Скопје и Битола одново ќе собира потписи за да се иницира референдум, за граѓаните да се изјаснат за Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование, откако во Собранието минатата недела не беше прифатена нивната иницијатива зашто потписите не биле собрани согласно со Законот за референдум.
Собраниската Комисија за политички систем и Законодавно-правната комисија во средата заклучија дека иницијативата е неуредна зашто не е поднесена во форма предвидена во членовите 66 и 70 од Законот за референдум, односно потписите не се собрани пред овластена институција каде што во работно време треба да се потпишат и треба печат од институцијата.
Иницијаторите кои дејствуваат здружени во фејсбук-група соопштија дека поднеле барање до ДИК за отворање изборни органи за собирање на првите 100 потписи од граѓани потребни за да се оформи предлог за инициирање референдум на државно ниво, што ќе го поднесат повторно во Собранието.
„За таа цел, отворени за собирање потписи ќе бидат Подрачно одделение Центар (за општините Центар и Аеродром) и Подрачно одделение Битола (за општините Битола, Новаци и Могила), во деновите 25, 26 и 27 мај од 8.30 до 16.30 часот“, информираа од Граѓанската иницијатива.
Доколку е уредно поднесена, постапката продолжува понатаму – двете комисии упатуваат извештај до претседателот на Собранието. За да се предложи референдум, доволни се сто граѓански потписи, а потоа иницијативата треба да се потврди со 10 000 потписи по што надлежните органи треба да распишат референдум на државно ниво.
Од иницијативата за вo среда закажаа протести во целата држава. Тие се спротивставуваат на предлогот на Министерството за образование и наука за реформи во образованието, во делот на дигитализацијата на учебниците.
Според Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование, од учебната 2021/2022 година ќе бидат воведени дигитални учебници, најпрво во четврто одделение, а во наредните години и во погорните одделенија, како и во средното образование. Според Предлог-законот, учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени (хартиени) учебници.