Поранешен менаџер на имотот на холивудскиот актер Џони Деп кој го тужи таблоидот „Сан“ за клевета, во средата во судот во Лондон изјави дека пронашол парче од повредениот прст на Деп по караница со поранешната сопруга Амбер Херд.
Бен Кинг, кој работел за Деп помеѓу 2014 и 2015 година, рече дека Херд е антагонистот во нејзиниот однос со Деп, што често било повод за нивните расправии.
Кинг бил вклучен во операцијата на расчистување по наводниот инцидент во изнајмен имот во Австралија во 2015 година. Тој во судницата изјави дека пронашол парче од прстот на актерот и дека имало траги од крв по скалите.
Деп, кој претходно сведочеше во лондонскиот Вискок суд, рече дека тогашната сопруга фрлала шишиња вотка кон него и дека парче стакло завршило во неговиот прст.
Деп (57) го тужи издавачот на британскиот таблоид „Сан“ за клевета за напис од 2018 година во кој тој е опишан како „тепач на сопругата“.
Во текот на петдневното сведочење, Деп рече дека обвинувањата на Херд за наводно семејно насилство биле лаги и дека всушност таа била насилникот во нивниот брак.
Херд треба да сведочи во петок, а поранешната долгогодишна партнерка на Деп, Венеса Парадајс, треба да се појави преку видео-линк во четврток.