Утрински Весник
Македонија

Ново мултифункционално возило за подобрување на комуналната хигиена во Делчево 

Ново мултифункционално возило за подобрување на комуналната хигиена во Делчево 

Делчево, 15 јуни 2020 (МИА) – Улиците и тротоарите во Делчево повеќе нема да се метат рачно. Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ набави мултифункционално комунално возило наменето за метење улици, тротоари и други јавни површини, со што го продолжи инвестицискиот циклус во нова современа технологија за работа кој започна изминатата година.
Со новата инвестиција, како што истакна делчевскиот градоначалник Горан Трајковски кој изврши примопредавање на машината, се продолжува со испишување на новата страница во функционирањето на ЈКП „Брегалница“, која подразбира инвестиции во современи машини и нова технологија, со цел подобри и поквалитетни услуги и ефикасност во работењето.
-Изразувам голема благодарност до тимот од Министерство за финансии и Светска банка, до директорот на ЈКП, Стојче Стојковски и до неговиот тим, за домаќинското работење, за одличната соработка со Општина Делчево и за препознавање на приоритетите, со што се овозможи инвестициски циклус само за 2019, од околу 14 милиони денари средства инвестирани во нова технологија, од кои 8 милиони се сопствени средства на претпријатието, рече Трајковски.
Досега како што дополни директорот Стојче Стојковски, претпријатието одржува јавна површина од 38.000 метри квадратни, а ставањето во функција на ова мултифункционално комунално возило, ќе придонесе за зголемување на површините за метење и чистење, како и за почесто извршување на оваа дејност.
-Оваа набавка е предвидена со бизнис-планот на претпријатието, а за оваа 2020 предвидена е уште една набавка, која се однесува за набавка на комунално специјализирано возило за собирање отпад. Осовременувањето на машинскиот парк, за нас е приоритет, бидејќи со нови машини и со современа технологија се подобрува квалитетот на услугите, но и ефикасноста на работењето, истакна Стојковски.
Вредноста на набавката на машината е 4,3 милиони денари, од кои 1,8 милиони се обезбедени преку грант за успешност во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги од Светска банка, а остатокот е обезбеден од сопствени средства од Јавното комунално претпријатие „Брегалница“. вс/ев/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

На Детска и на Инфективна клиника нема згрижено деца од „Ѓорѓија Пулевски“ поради труење со храна

Меѓуврсничкото насилство може да доведе до депресија и да заврши фатално: Секој втор случај на булинг во Македонија не е пријавен

“Пелистерка” заработи јавна опомена – еве зошто