Во последните 24 часа, потврдени се уште 83 случаи на инфекција со коронавирус меѓу 595 тестирани примероци во Србија, а едно лице починало како резултат на инфекцијата, соопшти Кризниот штаб.
Во болницата има 323 пациенти, од кои 23 се на апарати за дишење. Од почетокот на епидемијата на 6 март, тестирани се вкупно 1.069.626 примероци и регистрирани се 32.840 заразени.
Според официјалните податоци, 740 пациенти починале како резултат на инфекција со Ковид-19, а стапката на смртност е 2,25 проценти.
Поради епидемиолошката состојба во околните земји и зголемениот ризик од ширење на коронавирусот, од петок во 18 часот во Србија се на сила засилените мерки за надзор на повратниците од Црна Гора, БиХ, Хрватска и Албанија. Обврска е на сите повратници да се пријават на електронскиот систем или личен лекар, со цел да реагираат побрзо во случај на појава на симптоми и да се спречи понатамошно ширење на инфекцијата.
„Од почетокот на примената на таа мерка до саботата наутро, се пријавија околу 4.500 лица“, изјави членот на Кризниот штаб, Предраг Кон.