Скопје, 12 февруари 2020 (МИА) – Екипите на ЈП „Улици и патишта” во изминатиов период санираа плочник на улица 11-ти Октомври пред зградата на Собранието, работеа на реконструкција на оштетувањата на коловозот на скопските улици, санираа заштитна ограда од мостот „Тодор Александров“, а реконструираа и рабници и тротоари, како и пешачки патеки, соопшти прес-службата на Град Скопје.
Поставени се нови и заменети се оштетените столпчиња на ул. „Свети Кирил и Методиј“, поставени се платоа за успорување на сообраќај на ул. „12-та Македонска бригада“, во близина на Трговскиот центар во населба Лисиче, а на бул. „АСНОМ“ поставени се нови цевки за кабли од семафорска инсталација.
На бул. „Никола Карев“ (Пластичарска улица) отстранет е полупортален семафорски столб, а во населба Хиподром во тек е поставување на банкини покрај патот. На ул. „Востаничка“ санирани се тротоари и поставени нови големи рабници, а екипите работат и на поставување нова вертикална, контрола на веќе постојната сигнализација и бележење на хоризонталната сообраќајна сигнализација.са/