Александер Шаленберг утре ќе положи заклетва со што ќе ја преземе должноста нов шеф на австриската влада.
Шаленберг ќе го замени Себастијан Курц како канцелар, кој под притисок на истрагата на обвинителството за економски криминал и корупција поднесе оставка и го предложи актуелниот шеф на дипломатијата за нов канцелар.
Oд кабинетот на претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен, објави дека Шаленберг ќе положи заклетва утре, во 13 часот.
Шаленберг влезе во владата како непартиски член, иако е близок до довчерашниот канцелар Курц.
Курц мораше да поднесе оставка бидејќи тоа беше поставено како услов за продолжување со работа, од страна на коалицискиот партнер, Партијата на зелените.
Откако Курц се повлече, Зелените најавија дека ќе ја продолжат коалицијата со Народната партија.
Во првата заедничка, писмена изјава, вицеканцеларот и лидер на Зелените, Вернер Коглер и Шаленберг, по нивната средба најавија дека имаат многу работи што сакаат да ги реализираат, вклучително и еко-социјалната даночна реформа и буџетот.
Со рокада во владата, меѓу членовите назначени од Курц, спречено е соборување на власта, бидејќи опозицијата во вторникот сакаше да поднесе недоверба на владата.
Министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, кој синоќа беше предложен за иден канцелар од страна на поранешниот шеф, Себастијан Курц, денеска се сретна и со претседателот на државата, Александер ван дер Белен.
Во кратка изјава за медиумите, Шаленберг зборуваше за многу предизвикувачки задачи и предизвикувачки период за земјата.
Тој рече дека бил изненаден од неговото неочекувано „унапредување“ и нагласи дека за тоа ќе зборува подетално, откако ќе ја положи заклетвата.