Потребата на децата да им се прикаже богатото културно наследство со кое располага Археолошкиот локалитет Стоби беше мотив да се продуцира новата мобилна апликација за виртуелна реалност „Стоби Еду“, информираат од Центар за социјални иновации „Блинк 42-21“
„Апликацијата која наскоро ќе биде достапна за преземање ќе овозможи преку користење на мобилните телефони да се искуси посета во римскиот театар на Стоби и да се доживее минатото на еден сосема нов начин. Достапноста на новите технологии дава можност апликацијата „Стоби Еду“ да се користи и во рамките на самиот образовен процес. Апликацијата може да ја збогати наставната содржина во повеќе предмети во основното и средното образование преку интерактивно визуелно доживување на културното наследство,“ се вели во соопштението.
„Стоби Еду“ е резултат на соработката помеѓу Центарот за Социјални иновации Блинк 42-21 и националниот Институт Стоби, а проектот се реализира со подршка на Министерството за Култура на Република Северна Македонија.
„Самата апликација претставува продолжеток на заложбите да се внесат иновативни дигитални алатки кои ќе овозможат интерактивни и визуелни раскажувања на приказните од минатото. Користењето на новите технологии, како виртуелната реалност, овозможуваат еден сосема нов, уникатен начин за доживување на културното – историското наследство,“ се додава во соопштението.