Тетово, 26 мај 2020 (МИА) – Патот кој општина Тетово го продолжи од месноста Бањиче до Бродец во иднина би можело да биде траса за ново продолжување со цел реализација на големиот проект за сообраќајно поврзување преку Шар планина на градот со Призрен во Косово.
Градоначалничката Теута Арифи објаснува дека сега каков што е патот Тетово-Бродец е само делница од локален карактер, додека за продолжување кон Призрен очекува државен проект.
– Патото Тетово-Призрен има една нецелосна физибилити студија, една анализа која треба да прерасне во физибилити студија. Кога би бил како меѓудржавен пат, има апсолутно висока цена и не може да биде овој локален пат што ние го градиме. За нас првично има рекреативна функција. Токму поради тоа ние како град Тетово сме многу заинтересирани за патот Тетово-Призрен, но тоа треба да биде прашање на поголем проект кој треба да биде државен. Значи не може општината да го реализира во тие стандарди како меѓудржавен. Засега тој останува како локален пат имајќи го предвид фактот дека доколку се работи за државен пат тоа се други стандарди, други анализи, други финансии. Со овие стандарди со кои ние го имаме изградено сигурно нема да ги исполни стандардите за меѓудржавен сообраќај, смета Арифи.
Патот Тетово Призрен е дел од програма за работа на Владата каде е наведено дека ќе се разгледаат економски оправдани варијанти по резултатите на физибилити студијата за делницата.
Постојат три варијантите за тој пат, според кои потребно е да се прават тунели низ Шар планина, како и асфалтирање на дополнителни километри пат. Првата варијанта предвидува изградба на најдолг тунел од 6.400 метри. Втората варијанта е тунел 3.226 метри и трета од 1.800 метри. ас/цр