Со поддршка од УНИЦЕФ и во соработка со Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори креирана е новата веб платформа Рана интервенција која е достапна на македонски и албански јазик, а е наменета за родители и старатели на деца со задоцнување во развојот и на деца со попреченост на возраст од 0 до 6 години.
Од УНИЦЕФ информираат дека платформата служи да им помогне на родителите и старателите да ги разберат клучните развојни показатели во раното детство, да ги препознаат првите знаци на доцнење во развојот и да го стимулираат развојот на детето преку игра и вежби.
„Исто така, таа нуди лесен пристап до индивидуализирани стручни насоки и интервенции, вклучувајќи опција родителите да достават онлајн-барање, според кое стручни лица од Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори ќе извршат проценка на индивидуалните потреби на детето и ќе изработат индивидуален план за развој. Со оваа опција, на родителите, без оглед каде живеат, им се дава пристап до прилагодена и специјализирана поддршка и насоки за стимулирање на вештините, способностите и умешноста на нивното дете,“ се вели во соопштението.
Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани рече дека раното детство е период на големи можности за развој на детето, но и период на ранливост.
„Имајќи предвид дека децата со попреченост се меѓу најранливите, особено за време на пандемијата со ковид-19, од витално значење е семејствата да имаат пристап до услуги, особено до услуги за поддршка на раниот детски развој,“ додаде таа.
Британската амбасадорка, Рејчел Галовеј истакна дека Велика Британија се залага за подобрување на политиките и практиките за социјална кохезија и различност во Северна Македонија, поради што и со задоволство ги поддржува услугите во заедницата прилагодени за децата со попреченост, како влезна точка за нивно вклучување во општеството.
„Центарот за рани интервенции е дел од нашите пошироки напори за подобрување на животот на сите деца и за поддршка на реформите во образовниот и социјалниот систем“, рече Галовеј.
Веб-платформата претставува проширена услуга на Центарот за рани интервенции отворен во Скопје на почетокот од оваа година, основан со поддршка на УНИЦЕФ и финансиран од Владата на Велика Британија.