Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, му ја честиташе победата на Сашко Николов, кандидат за градоначалник на изборите во Штип.
Тој посочи дека граѓаните покажале сериозност и одговорност, а со тоа, му овозможиле на градот да продолжи, по како што рече, модерниот и европски пат.
„Честитки на д-р Сашко Николов, кандидатот кој што е победник на овие предвремени локални, безбедни по здравјето, избори. Граѓаните покажаа голема одговорност и сериозност, почитувајќи ги сите протоколи, овозможувајќи му на Штип да продолжи по модерниот, европскиот пат, кој го зацрта Благој Бочварски, кој со политиките на Владата и СДСМ, даваат значајно влијае на Штип. Чест ми беше што бев носител на победничката листа во третата изборна единица, регионот каде анкетите покажуваат дека сериозно се зголемуваа предноста на СДСМ пред ова деструктивно, пред ова блокирачко и пред ова ВМРО-ДПМНЕ кое нема став за ниту едно прашање и интерес на граѓаните“, рече Николовски.
Според него, расте поддршката на СДСМ во источниот дел од Македонија. Тој посочи дека без притисоци, закани и уцени, со понуда и одличен кандидат, граѓаните застанаа на европскиот пат.
„Покажавме дека можеме да направиме пресврт во истокот, со капитални инвестиции, враќање на парите кај граѓаните, проекти, политики кои ги преземаме во овој период. Затоа расте поддршката за СДСМ. Истокот е веќе бастион на социјалдемократијата и треба да сме горди на тоа, да го продолжиме тој пат. Без притисоци, закани, уцени, како во едно режимско време, покажавме дека со добра волја, одлична програма, понуда и одличен кандидат, граѓаните застанаа на овој европски пат. Верувам дека Сашко Николов ќе ги продолжи сите овие дела, а програмата ќе биде реализирана во следниот период“, додаде Николовски.