Карантинските денови оваа пролет на луѓето им пружија повеќе од доволно слободно време да разговараат со своите во домашна атмосфера или јавно, низ социјалните мрежи, за теми кои претходно можеби никогаш не би им паднале на ум. Вуханска пандемиска завера, климатски затоплувања, НЛО над Египет, забранети градови во Русија, чипувања на луѓето, завери против Трамп, живот на Марс…беа само мал дел од низата.
Паралелно со овие трендовски идејно-мисловни лавини кои се тркалаа низ приватниот и јавниот медиумски простор, во областа притисната меѓу Даутица, Караџица, Сува Гора, Бушева Планина и Песјак, по текот на реката Треска, која со незауздана решителност со нејзините гривести бранови ги потуркува искршените дрва и карпи од пролетните одрони се случуваше процес кој беше незамислив десетици години наназад – Порече заживуваше, се полнеше со луѓе. Интернет просторот секојдневно се украсуваше со безброј фотографии од Македонски Брод, Пешна, Поречкото Езеро (Козјак), Здуње, Самоков, Растеш, Лупште, Крапа, Русјаци, Могилец, Црешнево, Сушица, Крушје, Слатина, Калуѓерец, Манастирец, Белица, Модриште, Девич, Суводол, Сланско, Локвица, Латово, Требино… како да постоеше еден необјавен натпревар чие родно место е најубаво.
Низ селските дворови и друмови низ кои лежеа искршени запрежни тркала, корозирани плугови, искршени улишта облечени со трн и бршлен , низ кои до вчера бавно чекореа само старци и го гребеа правот со дотраени бастуни – сега движат и се закотвуваат луксузни автомобили. Низ подзаборавените поречки прадедовски куќи од камен и кал се палат електрични фенери, се чистат прозорците од пајажини, се метат подовите од пожолтени искинати листови од југословенски весници, повторно чкртаат од чекори излижаните подови од влага, паднатата ограда се исправа и дотраените шајки се менуваат со нови, се пребришуваат рамките со фотографии од црковните тремови, игранките, иконите од селската слава, ората покрај маалската чешма и школските денови, се пребришуваат и очите од носталгичниот солзен сјај. Во време кога сите ја проколнуваа короната, поречките многугодишници со монализова насмевка во себе криеја радост што повторно нивните села имат џагор, што повторно пред маалските коперации (продавници) се слуша музика на транзистор, се седи на трупчиња и се пие испотено пиво, им се топлеа градите што повторно можат да ги видат браќата, децата, внуците … па и отселениот сосед кој уште пред десет години заборавил да им го врати позајмениот казан за ракија – им беше мил и го канат на утринско кафе под дворската јаболкница.
Пандемијата и карантинскиот кафез им ги освежија сеќавањата на голем број луѓе од градските асфалти и тесните станови од висококатниците за своите подзаборавени прадедови огништа со декади непосетени и незапалени. Нѐ потсети дека не треба да се заборави маалската црква, училиштата во кои научија да читаат и да пишуваат, не треба да ги заборават локалните легенди за Крал Марко, дека не треба да се заборават поречките костени и ореви , планинскиот чај, дедовата сливова ракија, зелниците на бабите …
Не треба злото да нѐ потсетува од каде потекнуваме, туку љубовта.
,,Ништо повеќе не ги зближува луѓето, од среќно преживеана несреќа.’’ – Иво Андриќ
Автор: Зоран Трпчески