Веќе четврти месец не сообраќаат редовните автобуски и железнички линии од земјава кон странските дестинации, а нема ниту конкретен датум кога би можело да отпочнат патувањата кон странските дестинации. Ограничувањата за премин на границите и различните услови што треба да ги задоволат граѓаните за да преминат граница на секоја одделна земја доведува до тоа превозниците да не ги вратат во сообраќај редовните линии.
Најголем број од автотранспортните компании досега не објавија информации од кој датум планираат да почнат да ги одржуваат автобуските линии кон странство. Меѓународниот автобуски превоз е во целосен прекин. Првичните најави на дел од превозниците што сообраќаат кон соседните Србија, Бугарија и Косово се дека во втората половина на јуни би почнале со објавување на возните редови по кои ќе сообраќаат автобусите. Сепак, ова првенствено ќе зависи од одлуката на македонската влада за отворање на границите, бидејќи МВР и вчера соопшти дека влез во земјава ќе им биде дозволен на македонски граѓани и само на оние странски државјани што имаат регулиран престој во земјава, но под посебни услови.
Од Железници на РСМ – Транспорт за „Мета.мк“ велат дека термините за отпочнување со сообраќај на меѓународните железнички линии зависат од препораките на македонската влада, но и на владите од соседството. Најпрво мора да се отворат границите, потоа да се направат протоколи за минување на патниците и услови под кои овој вид на сообраќај би можел да функционира.
„Дури потоа железничките компании би можеле да се договараат за начинот на одвивање на железничкиот патнички сообраќај во услови на пандемијата со Ковид-19“, информираат од Железници на РСМ-Транспорт.
Според редовниот возен ред за 2020 година, експресните возови кон Белград требаше да почнат да сообраќаат на 12 јуни, а еден ден подоцна и возот од Скопје за Солун. Од средината на март во прекин е и железничката линија Скопје-Приштина-Скопје. Конкретни датуми за воспоставување на меѓународниот сообраќај нема ниту од соседните железници на Србија и Грција.
Според податоците на Државниот завод за статистика, лани во месеците април, мај и јуни со автобуси кон странство патувале 164.000 патници. Меѓународен железнички превоз имало само во втората половина на јуни 2019 година, а со него биле превезени само 385 патника, според податоците на Железници на РСМ – Транспорт.