Утрински Весник
Македонија

Независната културна сцена бара одговори од надлежните за интервенциите во Скопската чаршија

Независната културна сцена бара одговори од надлежните за интервенциите во Скопската чаршија

Скопје, 15 април 2020 (МИА) – Асоцијацијата на независна културна сцена (ЈАДРО) попладнево испрати реакција во врска со санирањето на Старата скопска чаршија кое деновиве го изведува Општина Чаир. Потсетува дека Чаршијата е едно од највредните културни наследства во градот, дека пред секое нејзино модифицирање, реставрирање и санирање мора да има научна и стручна анализа, како и дека за кој било зафат јавноста треба навреме и транспарентно да биде информирана од страна на институциите.

Блиско е, како што наведува ЈАДРО, минатото во кое властите дивееја на нетранспарентен и недемократски начин. Не сакаме и нема да дозволиме тоа да продолжи и сега.

Асоцијацијата нагласува дека културата на третман на културното наследство треба да се гради на основа на дијалог, а не на основа на доминација на политичките или експертските идеи околу тоа како треба да изгледа наследството.

– Затоа прашуваме, зошто за време на активности од овој тип не се спроведуваат потранспарентни кампањи на информирање на јавноста? Кои се членовите на Нациналниот совет за ревитализација на Старата скопска чаршија и дали може да се објави нивното стручно мислење/изјава по повод реставрацијата? Дали Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија (која постои за периодот 2010-2015 година, а се однесува за период од пет години) е донесена согласно постоечкиот Закон за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење (Член 11) и доколку е донесена, во кој обем е реализирана, кој е задолжен да ја следи нејзината примена и дали се јавно објавени извештаи и анализи за самиот процес?, наведува ЈАДРО.

Независната културна сцена ги прашува надлежните и дали може да добие стручно мислење од раководителката на секторот за заштита од НУ Конзерваторски центар – Скопје и од директорот на Управата за заштита на културното наследство кои се најстручни во оваа област.

– Дали се спроведени заштитни археолошки истражувања, согласно Член 7 од законот? Дали може да се објават истражувањата за проектот кој има добиено дозвола за конзервација на Конзерваторски центар – Скопје и аргументацијата за позитивно мислење од страна на НУ Конзерватовски центар – Скопје? Која е улогата на Град Скопје во овој процес? Штом е одлучено овие активности да се одвиваат за време кога сите граѓани се спречени да излезат од своите домови дали може да очекуваме потранспарентно известување за овој и сите слични проекти коишто се случуваат во моментот, а за кои не треба да бидеме задоцнето информирани?, дополнува ЈАДРО.

Според ЈАДРО, во Службен весник на РСМ од октомври 2008 година Старата скопска чаршија е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија – големо значење. Со ваквото прогласување, потенцира, се овозможи трајно зачувување на историските, уметничките, архитектонските, урбанистичките, амбиенталните, етнолошките, социолошките и другите научни и културни вредности, како и автентичноста, единственоста, разновидноста, интегралноста, староста и други својства, содржини и функции.

– Меѓу основните принципи на тековните европски теории на конзервација се: почит кон оригиналната изработка, почит кон историскиот материјал и почит кон историскиот извор – дали овие принципи се применети при изборот на материјалот и начинот на изведба? Дали, сепак, Чаршијата заслужува и може да добие посоодветен материјал од тој што го имаше до сега?, прашува Асоцијацијата.

ЈАДРО посочува и дека во Старата скопска чаршија последната декада се забележуваат огромни промени и несоодветни интервенции – рушење индивидуални куќи и изградба на станбени згради на нивно место (особено на потегот околу хотелот Арка), несоодветно дизајнирани и/или димензионирани интерполации и некомпатибилни нови градби, рушење на старите дуќани и нивна замена со бетонски копии, несоодветна модернизација на историските структури, воведување на меморијални споменици и спомен-обележја што не се поврзани со настанувањето и развојот на Старата скопска чаршија, различни доградби, надградби и измени на оригиналните структури,…

– Старата скопска чаршија полека го губи својот оригинален изглед поради интензивните градежни активности во рамки на заштитеното подрачје со што се врши тривијализација на законските норми и професионалните стандарди и директно уништување на културното наследство. Какви се улогите на Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура во врска со тоа и дали имаат или планираат да преземат нешто за спречување на ваквите активности? Знаејќи дека менувањето на изгледот на Старата чаршија не е процес почнат од вчера, потсетуваме дека долги години наназад систематски дел по дел тој бил цел на дубиозни градежни лиценци и реконструкции. Мини плоштадот на влезот на чаршијата, Менада и летните тераси кои го попречуваат нормалното движење низ улиците се само дел од унаказувањето на историскиот и во ист момент толку жив светилник на Скопје, за што се испушти навреме да се реагира, пишува ЈАДРО во реакцијата. мч/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Студено утро со температури и до минус 11 степени

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија