Скопје, 18 февруари 2020 (МИА) – Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за предметот „Рекет” во кој обвинети се Бојан Јовановски – Боки 13, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски- Кичеец кој пак на првото рочиште призна вина и беше осуден на три години затвор.
На денешното рочиште, како што е најавено, ќе бидат пуштени преостанатите три фолдери од усб-то на Зоран Милевски-Кичеец. Претходно, обвинителството побара тие да не бидат изведени зошто не се релевантни за кривично правниот настан, но вчера Русковска побара тие да бидат изведени, за со цел, како што рече, да не се остава впечаток дека обвинителството прикрива некои докази.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор. аа/са/