Вчера на археолошкиот локалитет „Стоби“ беше отворена изложбата на дела од реномираниот скулптор Петар Хаџи Бошков со наслов „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“.
Како еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век, човек со космополитски дух и отворен светоглед, делата на Хаџи Бошков, инспирирани од античката култура, го најдоа своето упориште во Стоби во просторот пред театарот, потоа Полукружниот плоштад, Виа сакра, сцената на Античкиот театар и коридорот под гледалиштето, Храмот на Изида и Серапис, како и големиот неистражен простор, кој се протега до Градбата со Арки, велат организаторите.
Поставката на интересен начин овозможува заемно разоткривање и суштинска врска меѓу вредностите на модерната и антиката.
Куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски.
Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на авторот, кои опфаќаат четиридецениски период од 1962 до 2004 година.
Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство. Овие репрезентативни дела, благодарение на неговиот син Игор Хаџи Бошков се позајмени и директно од ателјето беа пренесени на локалитетот Стоби.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ. По тој повод, министерката за култура, Ирена Стефоска во своето обраќање пред присутните рече:
„Присуствуваме на редок културен настан. На дијалог меѓу Стоби и Петар Хаџи Бошков. Се вкрстуваат цивилизации и епохи. Модерната е внесена во античкиот град. Овој храбар уметнички предизвик, не е само атрактивно случување за афирмација на локалитетот или на модерната во македонската уметност. Овој проект е и рефлексија на современата ангажирана уметност, која е свртена кон актуелните општествени текови. Она што особено ме радува е што изложбата, на креативен начин, го реактуализира прашањето за местото на модерната денес. Очекувам овие модернистички дела – кои зрачат со слобода, интегритет и индивидуалност, со европски дух, поставени на древниот локалитет – да влијаат врз подигнувањето на свеста за значењето на заштитата на културното наследство“, потенцираше Стефоска.
Иницијативата за реализација на овој проект е на Спасе Перовски, директор на Археолошкиот локалитет Стоби, чиешто настојување, меѓу другото, е и да го заживее локалитетот во рамките на долгорочната проектна-програма „Стоби – жив град“.
Поставката на локалитетот „Стоби“ ќе биде отворена до 11 октомври.
Текстот На локалитетот „Стоби“ отворена изложбата „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“ од скулпторот Петар Хаџи Бошков е превземен од МАКФАКС.