Утрински Весник
Магазин

Најпознатите песни за Амстердам од бившојугословенските простори

Најпознатите песни за Амстердам од бившојугословенските простори

Уште од седумдесеттите години на минатиот век, музичарите од просторите на бивша Југославија прават песни посветени на Амстердам, град кој во поп културата на регионот има добиено скоро митски имиџ поврзан со можности за однесување ослободени од стегите на традиционалниот балкански морал.

Има најмалку седум песни насловени „Амстердам“, а во уште барем десетина градот се споменува во поголема или помала улога.

Една од првите такви песни е хитот на Слаѓана Милошевиќ од 1979 година во која комбинира панк и хеви метал елементи.

Веројатно најпознатата и најпопуларната рок песна посветена на Амстердам во СФРЈ е онаа од српската група Рибља Чорба, објавена како дел од албумот „Осми нервни слом“. Песната на која пее и британско-гвајанскиот реге музичар Еди Грант, кој во тоа време беше на врвот на популарноста, на фестивалот МЕСАМ за 1988 г. „Амстердам“ е прогласена за хит на годината.

Наредната година, хрватскиот поп панк бенд Психомодо поп го објави албумот снимен во живо „Live in Amsterdam“, а градот како дестинација се споменува во песната „Она одлази“ објавена како дел од наредниот албум „Секси магазин“ (1990).

При распадот на Југославија, Холандија послужи како прибежите од воениот виор за повеќе музичари, меѓу кои најпознат е Бранимир Џони Штулиќ, фронтменот на загребската група Азра.

Повеќе од десетина години подоцна, во 2002 година, босанскиот пејач Амир Казиќ – Лео (за кого се ширеа дезинформации дека е вонбрачен син на Здравко Чолиќ) го испеа лирскиот шлагер за разделба поради патување во Амстердам.

Хрватскиот поп пеjaч Лука Нижетиќ во 2015 година ја објави својата песна „Амстердам“ позната по веселиот ритам и непретенциозно духовитиот текст.

Во насока на хип-хопот

Во последната деценија и неколку хип-хоп или фанк артисти посветија песни на најпознатиот холандски град.

Мостарскиот продуцент и рапер Дарко Мајерски Мајер 2011 година го објави албумот „Раштиман Растаман“ на кој заедно со Рексона ја пее и песната „Амстердам“.

Во јуни 2018 година, дуото јутјуберки Анѓела и Наѓа објавија летно хит клипче насловено „Амстердам“, со музичка подлога која врти кон турбофолк и чиј текст и нема многу врска со самиот град.

Во ноември истата година и македонскиот рапер Слаткаристика објави песна за Амстердам, како сингл со музика од Јован Јованов и омаж на одредени стихови од песната на Рибља Чорба.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Тајланд воведува данок за богатите пензионери од Западот

Климатските промени ќе ја зголемат инфлацијата на храната

Најопасните години од животот за секој хороскопски знак