Скопје, 5 март 2020 (МИА) – Делегација на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, предводена од началникот на Здружениот штаб, генерал-потполковник Сенад Машовиќ, во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, денеска престојуваше во Генералштабот на Армијата.
По приемот со високи воени почести, генералот Машовиќ остварил средби со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, по што следуваа официјални разговори со военото раководство во Генералштабот.
Заменик-министерот Максути, соопштуваат од Генералшатбот, за време на средбата ја истакнал одличната билатерална соработка во областа на одбраната особено во областа на образованието манифестирана низ школување на питомци од Босна и Херцеговина на Воената Академија во Република Северна Македонија, како и низ учество на обуки и курсеви во Центарот за обука за мировни операции во БиХ и нашиот Регионален центар за односи со јавноста. Воедно, заменик-министерот Максути ја истакнал подготвеноста на Република Северна Македонија за поддршка во Евроаталантските интеграции на БиХ.
Генералот Ѓурчиновски, како што се вели во соопштението, истакнал дека посетата претставува одлична можност за понатамошно продлабочување на традиционално добрата билатерална соработка во одбраната, при што ја искажа подготвеноста за споделување со босанските Вооружени сили на стекнатите искуства во процесот на интегрирање на нашето полноправно членство во НАТО Алијансата како многу значајно не само за нас туку и за регионот во целина.
Генералот Машовиќ, честитајќи го како што истакна, нашето „историско достигнување“ со полноправното членство во НАТО, изрази очекување за понатамошна наша поддршка во процесот на интегрирање во Алијансата кое исто така е стратегиска определба на Босна и Херцеговина.
– На состанокот пред делегацијата се презентираа: процесот на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, придонесот на нашата Армија во операциите и мисиите на НАТО, ЕУ и ОН во странство, ангажирањето на Армијата во поддршка на МВР во справувањето со мигрантската криза и можностите за користење на нашите капацитети за обука меѓу кои АП Криволак и Центарот за обука на пилоти, се посочува во соопштението на Генералштабот.
За време на посетата, генералот Машовиќ ќе оствари средба и со претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, а делегацијата ќе обиколи и дел од армиските единици во касарната Илинден во Скопје.
Во текот на утрешниот ден, делегацијата ќе се запознае со можностите на Центарот за обука на пилоти, а ќе ја посети и Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“, каде во моментот во образовниот процес се вклучени 13 питомци од Босна и Херцеговина.
-Билатералната соработка на полето на одбраната со Вооружените Сили на Босна и Херцеговина се одвива во полето на воената едукација, учество во заеднички меѓународни вежбовни активности, курсеви во Регионалниот тренинг центар за односи со јавност и учество во балканските медицински наменски сили, заедничко учество во регионалите иницијативи А-5 и Б-9, се наведува во соопштението на Генералштабот. фф/дма/