Утрински Весник
Свет

Национален парк во Тајланд по пошта им го враќа на туристите ѓубрето што го оставиле зад себе

Национален парк во Тајланд по пошта им го враќа на туристите ѓубрето што го оставиле зад себе

Посетителите на националните паркови во Тајланд, по враќањето дома, може да почнат да добиваат пакети во кои им е испратено ѓубрето што го оставиле зад себе.

Откако минатиот викенд бројни посетители оставиле купишта ѓубре во Националниот парк „Као Јаи“ во близина на Бангкок, министерот за животна средина Варавут Силпа-арча дошол на идеја да го спакува ѓубрето и да им го врати на сопствениците по пошта, пренесува Јутарњи.хр.

„Го собравме вашето ѓубре и го ставивме во картонска кутија, па затоа ви го испраќаме дома. Ова треба да ве научи никогаш веќе никаде да не фрлате ѓубре“, стои во пораката прикачена на пакетот.

Камперите се пријавуваат во управата на Националниот парк по пристигнувањето, па затоа е лесно да се дознае нивната точна адреса и локацијата на нивните шатори каде што бил оставен отпадот.

Заедно со кантата за отпадоци, бескрупулозните кампери добиваат и пријава од локалната полиција за кршење на прописите за националните паркови, пишува порталот „The Thaiger“.

„Ѓубрето може да биде опасно за животните како срните ако го изедат и се обидат да го сварат пластичниот отпад што луѓето го оставаат зад себе“, објаснува Нарин Пинсакул од Националниот парк „Као Јаи“.

Министерот Варавут на својата фејсбук-страница објави фотографија со празни шишиња и кесички од грицки подготвени да бидат испратени по пошта.

Загадувањето на животната средина се казнува со затвор до пет години или со парична казна до 500.000 бахти (16.000 долари според тајландскиот закон за животна средина.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Белоруски опозициски лидер ослободен по речиси пет години затвор

Повеќе од 400 луѓе загинаа во израелските напади врз Иран

Интернет конекциите во Иран би биле обновени во 20 часот по локално време, пренесуваат медиумите