Скопје, 22 април 2020 (МИА) – Пакетот за кредитирање на микро компаниите наречен „Ковид 1“ на Развојната банка се уште е активен, а од следниот петок се очекува да биде објавен и пакетот „Ковид 2“ кој ќе биде пообемен, најави денеска директорот на Развојната банка Кире Наумов за емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.
Тој информира дека досега има пристигнато апликации од околу 1.300 компании во износ од околу девет милиони евра. Дел од компаниите, како што појасни Наумов, не ги исполнуваат условите, односно оние кои се презадолжени, како и оние компании кои не се дел од туризмот, транспортот и угостителството.
– Уште трае огласот и прибираме апликации. Просечниот кредит по компанија е околу 8.5 илјади евра. Доминантно се кредитни апликации до пет илјади евра и очекуваме дека ќе можеме да поддржиме, не ме држете за збор, над 600 компании со вкупно 6 до 7 илјади вработени, рече Наумов.