Поради мерките за ограничено движење и социјална дистанца, масовни собири се забранети, вклучувајќи ги и оние како „Критична маса“. Поради ова, велосипедистите од неформалното здружение „НаТочак“ ги повикуваат граѓаните утре да се приклучат
на една поинаква вонредна критична маса во услови на пандемија. Тие ги охрабруваат сите оние кои се во можност на работа да присигнат со точак, да го користат ова превозно средство при пазарување или при минимална физичка активност во денот.
„На овој начин сепак ќе се одблежи секоја последна среда, така што ќе поттикнеме возење точак одделно, а сепак за заедничка цел. Ќе возиме одделно, по различни рути, во различни делови од градот, во различни термини, но ќе креираме заедно поинаква „Критична маса“, велат од здружението.
Според велосипедистите пандемијата со корона вирусот откри колкав простор од градовите се посветени на автомобилите, за движење и паркирање, наспроти оној за пешачкиот и велосипедскиот сообраќај.
„Прераспределбата на уличниот простор може да се направи кон подобро, не е ракетна наука, туку е прашање на политичка волја. И оваа криза е огромен тест и огромна шанса. Многу градови сериозно го сфатија моментот и воведуваат привремени и/или проширени пешачки и велосипедски патеки на сметка на коловозот. Тука ќе видиме дали во Скопје и останатите градови има согледување колку сообраќајот влијае на јавното здравје и колку надлежните реално се грижат за јавното здравје“, посочуваат од „НаТочак“.
Неодамна велосипедските активисти ја започнаа иницијативата #ПросторАнтиКорона и апелираа до надлежните да реагираат на нивните барања.