Скопје, 21 мај 2020 (МИА) – Изградена е најголемата судница во државата во склоп на затворот „Идризово“, со поддршка на Европската Унија во рамки на ИПА акциската програма „Поддршка на Секторот Правда“. Целиот овој дел од затворот се простира на 1000 м2 и има капацитет за вкупно околу 120 лица.
Проектот е финансиран во рамки на ИПА Акциската програма „Поддршка на Секторот Правда“, а договорот за изградба на судницата во затворот „Идризово“ е во вредност од еден милион, двесте педесет и седум илјади евра. Наскоро се очекува и опремување на судницата со мебел по што ќе следи и нејзиното официјално отворање и пуштање во употреба.
Оваа судница е изградена по теркот на судниците во државите со големо искуство во справувањето со организираниот криминал.
Судницата е само еден сегмент од целокупниот комплекс за оваа намена кој содржи ќелии за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоци со можност за изобличување на слика и тон, систем за видео конференција, кабина за преведувачи, како и соодветен безбедносен и мониторинг систем. Овој комплекс располага со посебни влезови за осудени лица, за службени лица, за јавноста која ќе присуствува на овие судења и посебен дел за новинарите.
Имајќи ја во предвид сериозноста на тешките кривични дела и безбедносните причини, соопштија денеска од Министерството за правда, оваа судница со капацитет од околу 120 лица, ќе овозможи судењата на притворените лица за овие случаи да се одвиваат во казнено поправниот дом „Идризово“.
– Целта за изградбата на овој комплекс со судница во затворот „Идризово“ е во неа да им се суди на притворени, како и на осудени лица за тешки кривични дела против кои се водат и други кривични постапки, а чиј транспорт до судовите е безбедносно ризичен, се посочува во соопштението.
Со тоа, се подвлекува, значително ќе се намали ризикот од бегства на притворени и осудени лица за време на транспорт до судовите. Дополнително, со користењето на оваа судница, ќе бидат заштедени значителни средства за транспорт на притворени и осудени лица во судовите, а воедно ќе се растерети и затворската служба и полицијата која учествува во спроводите на овие лица.
Во посета на новата судница во „Идризово“ беа министерката за правда Рената Дескоска, заедно со шефот за соработка во ЕУ Делегацијата Никола Бертолини, јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев, како и директорот на Управата за извршување на санкциите, Јовица Стојановиќ.
Причината за лоцирањето на оваа судница во затворот „Идризово“ е затоа што во него во моментов се сместени околу 60 проценти од вкупниот број осудени лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор, а во овој затвор ќе биде изграден и најголемиот притворски центар во државата, со што 80 проценти од вкупно притворените лица ќе бидат сместени во овој затвор. цр/са/