Утрински Весник
Економија

Народна банка: Ризиците од пандемијата и натаму се присутни во домашната економија

Народна банка: Ризиците од пандемијата и натаму се присутни во домашната економија

На 16 декември 2020 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5%. Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на БЗ, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици и неизвесност, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Последните расположливи макроекономски показатели упатуваат на годишен пад на бруто домашниот производ во првите три квартали од годината од 5,9%, што е во согласност со очекувањата од октомвриската проекција. Најголемиот дел од надолното приспособување е резултат на остварувањата во вториот квартал од годината, кога и беа воведени построги рестриктивни мерки за заштита на јавното здравје. Во третиот квартал се забележува значително забавување на годишниот пад на БДП на 3,3%, во согласност со привременото стабилизирање на состојбата со пандемијата во овој период од годината и олабавувањето на мерките за спречување на нејзиното ширење, надополнето со ефектот од преземените монетарни и фискални мерки. Тековно расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2020 година, иако во ограничен обем, упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност. Ова е видливо преку забавувањето на годишните стапки на пад на индустријата и трговијата, во услови на повторно воведување рестриктивни мерки, но во значително поблага форма, во споредба со тие од почетокот на пандемијата.
Просечната годишна стапка на инфлација и натаму е на ниско и стабилно ниво и за првите единаесет месеци од годината изнесува 1,1%, што е блиску до проектираната стапка на инфлација според октомврискиот циклус проекции. Во вакви услови, при ревизии во различни насоки кај надворешните влезни претпоставки, тековно ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2020 година се оценуваат како урамнотежени.

Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и во сигурната зона, со динамика на промена којашто е очекувана според октомвриската проекција. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор за четвртиот квартал, податоците за менувачкиот пазар заклучно со ноември упатуваат на остварувања кај приватните трансфери во согласност со проекциите за последниот квартал. Истовремено, податоците за надворешнотрговската размена за октомври упатуваат на можност за остварување трговски дефицит во рамките на проектираниот за последниот квартал од годината. Исто така, остварувањата кај билансот на плаќања во третиот квартал од 2020 главно се во согласност со октомвриската проекција.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за ноември покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, во рамките на очекувањата согласно со октомвриската проекција.

Во периодот од последната, ноемвриска, седница на Комитетот наваму, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута и натаму се зголемува, што придонесе за многу ниска потреба на банките за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари. На девизниот пазар во ноември имаше умерено повисока нето-побарувачка за девизи од корпоративниот сектор, што е вообичаено за овој месец од годината и стабилна месечна нето-понуда на девизи од физички лица на менувачкиот и девизниот пазар. Пазарните движења беа проследени со одржување на девизната ликвидност на банките на релативно стабилно и високо ниво, поради што Народната банка настапуваше со ниски и повремени дневни интервенции за продажба на девизи.

Во ноември, движењата на меѓународните финансиските пазари во најголем дел беа условени од оптимистичките информации околу развивањето вакцини против Kовид-19, што придонесе за очекувања на инвеститорите дека глобалното економско закрепнување ќе настапи поскоро од очекуваното. Следствено, пазарните учесници имаа зголемен интерес за вложувања во акции, поради што продолжи нагорниот тренд на светските берзански индекси, достигнувајќи нови највисоки нивоа. Во такви околности, беше забележано намалување на вредноста на САД-доларот во однос на еврото, пад на цената на златото и на цените на најбезбедните државни обврзници во еврозоната.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Сепак, неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од Kовид-19 и натаму се присутни, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Денови на финансиска писменост – 24info.mk