Контакт центарот, преку телефонскиот број 02/324-8040, функционира од минатата недела и е наменет за поддршка на бизнисот и граѓаните во врска со економските мерки на Владата, за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, а е обезбеден од МАСИТ како донација од компанијата Ассеко СЕЕ Македонија. Со цел да се одговори на што поголем број повици контакт центарот од денеска работи со зголемен капацитет.
-Постои голем интерес за користење на владините економски мерки кај компаниите и граѓаните, притоа, најчесто поставувани прашања, 96 отсто, од вкупниот број прашања, се можноста за користење на финансиска поддршка за исплата на минимална плата за работниците, можности за граѓаните во случај на невработеност и отпуштање од работа, кредитирањето преку Развојна банка на Република Северна Македонија и постапка за издавање дозволи за движење на вработени за време на полициски час, информираат од Владата.
На прашањата кои пристигнуваат во контакт центарот, одговараат стручни лица, а одговорите може да се добијат на македонски и на албански јазик. Кол центарот работи од 8:00 до 17:00 часот од понеделник до петок, а во сабота од 9:00 до 14:00 часот.
Со цел навремена и детална информираност на компаниите и граѓаните за економските мерки на Владата, а во согласност со интересот за поединечните мерки, подготвен е и документ во кој се содржани одговори на најчесто поставуваните 25 прашања во изминатиот период. Одговорите на најчесто поставуваните прашања може да се најдат на следниот линк.скс/лв/