Утрински Весник
Култура

Наградуваниот белгиски филм „Вселенско момче“ на „Џифони филмски денови“

Наградуваниот белгиски филм „Вселенско момче“ на „Џифони филмски денови“

Денеска, во 10 часот, во Кинотеката се одржува втората сесија од „Џифони филмски денови“, а деновите се отворени за ученици од петто одделение, па нагоре.

Ќе биде прикажан белгискиот филм „Вселенско момче“, во режија на Оливер Перо. Сценариото е на Есебио Лареа и Оливер Перо. Филмот ја освои главната награда на интернационалниот детски и младински фестивал во Бусан. Гости на настанот ќе бидат членови на Marvie Productions („Марви продукција“), која обединува средношколци што создаваат свои филмови. По проекцијата на филмот, ќе следува дискусија.

Младиот протагонист во ова компактно 100-минутно патување до космосот е 11-годишниот Џим (Басил Грунбергер со особено енергетична изведба) кому му се случува огромна промена во животот. Неговиот самохран татко и идол (Јаник Ренер) не само што се подготвува за пат во вселената туку и одлучува да се преселат во друг град за да биде поблиску до опсерваторијата во која ќе работи. Џим истовремено е возбуден поради новата авантура, но и малку исплашен поради тоа што ќе треба да се навикне на ново училиште, каде што никого не познава. Иако е посочен како филм за деца и младинци, суштината на „Вселенско момче“ е многу подлабока, што го прави ова филмско остварување соодветно за лица од 7 до 77 години, пишува Петра Бранковска во рецензијата објaвена на „Гледај.мк“.

По дискусијата на филмот, во 12 часот ќе почне Филмската работилница со режисерката Марија Џиџева. За оваа работилница може да се пријавите на следниот линк.

Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони експириенс“.

Текстот Наградуваниот белгиски филм „Вселенско момче“ на „Џифони филмски денови“ е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“