Утрински Весник
Македонија

Набавена нова механизација за чистење улици во Карпош

Набавена нова механизација за чистење улици во Карпош
Screenshot

Скопје, 19 февруари 2020 (МИА) – Две нови цистерни за миење улици, камионче за подигнување отпад – кипер, рачен вшмукувач за лисја и ситен отпад, како и опрема за расчистување на снег беа презентирани денеска во Општина Карпош.

Како што соопшти Општината, оваа механизација е набавена со грант за успешност од Светска банка преку Министерство за финансии, а во рамки на Проектот за подобрување на општински услуги.

Screenshot

Градоначалникот на Општината, Стефан Богоев истакна дека локалната самоуправа значително ја зголеми механизацијата за одржување на јавната хигиена, имајќи предвид дека загадувањето е еден од најистакнатите проблеми.

– Сликата на редовно миење на сервисните улици повторно станува реалност. Прашината долж улиците е дел од севкупното загадување и на овој начин навистина ќе го подигнеме нивото на јавната хигиена. Овие години постојано инвестираме во механизација за комуналните служби, а не во луксузни возила за потребите на администрацијата, рече Богоев.

Цистерните, како што информираат од Општината, ќе чистат во сите урбани заедници, долж сервисните улици, а рачниот вшмукувач на многу брз и едноставен начин ги подига лисјата и ситниот отпад.

Новото камионче (кипер) ќе помогне во расчистувањето на дивите депонии и при транспорт на отпадот.

– Претходно, Општината набави и машини за перење под висок притисок (т.н. вапови), со кои се чистат јавните површини, платоата и плоштадите во Карпош, се наведува во соопштението. мс/скс/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ОЈО Велес побара, а судот прифати притвор за лицето кое со кујнски нож му се заканило на својот татко дека ќе го убие

Маричиќ – Бомгартнер: Поддршката од Франција за евроинтеграцијата на државата е цврста заложба за продолжување на процесот

Еко-свест испрати писмо со предлози до новата Влада за заштита на животната средина