Утрински Весник
Македонија

Набавена нова механизација за чистење улици во Карпош

Набавена нова механизација за чистење улици во Карпош

Скопје, 19 февруари 2020 (МИА) – Две нови цистерни за миење улици, камионче за подигнување отпад – кипер, рачен вшмукувач за лисја и ситен отпад, како и опрема за расчистување на снег беа презентирани денеска во Општина Карпош.

Како што соопшти Општината, оваа механизација е набавена со грант за успешност од Светска банка преку Министерство за финансии, а во рамки на Проектот за подобрување на општински услуги.

Градоначалникот на Општината, Стефан Богоев истакна дека локалната самоуправа значително ја зголеми механизацијата за одржување на јавната хигиена, имајќи предвид дека загадувањето е еден од најистакнатите проблеми.

– Сликата на редовно миење на сервисните улици повторно станува реалност. Прашината долж улиците е дел од севкупното загадување и на овој начин навистина ќе го подигнеме нивото на јавната хигиена. Овие години постојано инвестираме во механизација за комуналните служби, а не во луксузни возила за потребите на администрацијата, рече Богоев.

Цистерните, како што информираат од Општината, ќе чистат во сите урбани заедници, долж сервисните улици, а рачниот вшмукувач на многу брз и едноставен начин ги подига лисјата и ситниот отпад.

Новото камионче (кипер) ќе помогне во расчистувањето на дивите депонии и при транспорт на отпадот.

– Претходно, Општината набави и машини за перење под висок притисок (т.н. вапови), со кои се чистат јавните површини, платоата и плоштадите во Карпош, се наведува во соопштението. мс/скс/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ

Мицкоски: Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција

Филипче: Следува нов почеток и пресвртница во делувањето на СДСМ